3.8 C
Skopje
Tuesday, January 21, 2025

Мира Стојчевска: Јас бев таму!

Ексклузивно за Поглед

Во Прес салата – сала 3 после 19:00 часот тој Четврток беше Четврток на ЛИНЧ на пратениците од СДСМ и коалиционите партнери, ДУИ и Алијансата. Во таа сала се држеше прес за изборот на Претседател на Собранието на Република Македонија. Пресот го следевме ние пратениците, од галеријата на сала 3 – прес центар на Собрание на РМ.

Во еден момент вратата беше затворена и не информираат дека вратите на главниот влез на Собранието се отворени и протестантите влегуваат во Собрание. Сето тоа го следевме на екранот на телевизорот во салата. Добро организираната група стигна до прес салата. Колегите направија импровизација да не симнат од галеријата, нас пратеничките, бидејќи бевме во опасност дека постои можност да не фрлат од галеријата. Последна скокнав во делот каде се одвиваше крвавиот настан. Насилниците извикуваа „СЕГА ЌЕ ВЕ УБИЕМЕ“. Сега ќе видите. Почна да удараат со сталаците од камерите, со столови, железни делови од столовите со иверици. Фрлаа од сите страни. Јас бев позади претседателот Зоран Заев, генералниот секретар Оливер Спасовски и позади новоизбраниот претседател на Собранието, Талат Џафери. Присебна бев како да спасам глава. Се привлеков на десната страна каде што беа новинарите и камерманите и успеав да излезам од салата. Но на вратата од позади во врат ме фати еден човек со знаме и главата ми ја удри од ѕид, додека со другата рака ме удираше по левата рака и нога. Откако успеав да се извлечам продолжив по ходникот. Успеав од први кат да се искачам до трети кат. Степеник по степеник слушајки како на сите страни се крши. Стигнав до канцеларијата и сакав да влезам но еден дечко ме предупреди дека не е безбедно во канцеларијата бидејќи разбеснетите луѓе – нелуѓе кршат се и носат со нив шипки. Вработениот во Собрание ми помогна да отидам до амбуланта.

Во Амбуланта мислев дека е безбедно, но не беше така. Докторот и сестрата работеа без светло бидејќи протестантите беа под прозорецот и не беше безбедно. Во Амбуланта беше потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска со раскрвавена глава, пратеничка Милева Горгиева со повредена нога и ударена во слепочница. Пратеничката Катерина Кузмановска повредена исто. Повикот на медицинската екипа да дојде итната медицинска помош до безбедно место беше залудно бидејќи не дозволуваа протестантите, повредените да бидат пренесени до клиника. Крвавиот настан траеше околу четири часа.

Знаев дека целиот настан го гледаат моите деца, мојот сопруг, моите најблиски, моите роднини и пријатели низ Европа, САД, Австралија. На секој повик одговарав и ги убедував дека сум добра и безбедна. Но од тоа не беше ништо точно. Обезбедување немаше ниту во Собрание, ниту надвор од Собрание. Бевме оставени сами на себе. Учесниците и организаторите на крвавиот настан се токму пратеници од Собранието, директори на клиники, на јавни претпријатија, за жал и мои колеги. Од тој ден, за мене тие пратеници не се мои колеги, помеѓу мене и нив постои една огромна преграда. Тие колеги се учесници во Крвавиот четврток.

Тепањето, раните и модриците ќе се залечат и ќе поминат но лузните во душата и спомените од Крвавиот четврток ќе останат за век запаметени.

поврзани објави

Последни објави