8.8 C
Skopje
Tuesday, December 10, 2024

Близнаковски: Ќе те изгладнат добро, па ќе ти дадат парче леб да преживееш – тоа е стратегијата на Груевски!

Членот на ИК на ВМРО Народна Партија, Слободан Близнаковски во гостувањето на „24 анализа“ на ТВ 24 рече дека не верува дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ќе си поднесе оставка, но доколку дојде до такво нешто и се повлече, тогаш тој ќе остане сам.

„Мислам дека нема да има нов лидер во ВМРО-ДПМНЕ, барем не засега, едноставно Груевски ќе биде толку мудар да своето столче не го препушти. Доколку Груевски поднесе оставка, многу брзо тие лојални членови ќе му го избришат телефонскиот број од нивниот мобилен, доколку тој ја напушти лидерската позиција. Сите ние сме свесни дека две години Груевски се брани на многу несмасен начин. Сметам дека тој ќе оди чекор понатаму да проба да ја консолидира партијата. Многу брзо очекувам да го сврти целото внимание кон локалните избори. Тоа ќе биде намерно направено, со цел да има нова битка, нов внатрепартиски натпревар меѓу своите членови.

Близнаковски додава дека и најтврдокорните вмровци во Македонија разбрале дека во Македонија живеат и албанци и дека ниту една влада, не може да партиципира без албанска политичка партија.

„Природно беше 90 година да сметаме дека можеме нешто повеќе да направиме визави албанците, но времињата се сменија. Најтврдокорните вмровци разбраа дека во Македонија живеат и албанци. Ниту една Влада, нема да може да партиципира без албанска партија. ВМРО-ДПМНЕ се движи кон распаѓање со тоа што многу години понатака нема да може да направи коалиција со ниту една албанска партија. Секоја албанска партија што ќе проба да седне со ВМРО-ДПМНЕ, ќе треба да биде свесна дека губи гласови“, вели Близнаковски.

Тој додава дека Груевски и екипата не само што треба да си заминат, туку и да одговараат. Според него, нови избори ништо не би решиле, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и 70 пратеници да освои во ваква состојба, тоа ништо не решава во Парламентот.

„На нив ќе им треба двотретинско мнозинство за да се донесат одредени закони во Собранието. Илузорно е да се разговара дека ВМРО-ДПМНЕ ќе може сама да владее“, смета Близнаковски.

„ВМРО-ДПМНЕ работи и против македонските интереси. Тие што го критикуваа режимот се сега најголеми бранители на ВМРО-ДПМНЕ. Очекувам денот Д да се случи кога ќе биде избрана новата Влада. Многу од луѓето кои се во ВМРО-ДПМНЕ имаат времени решенија, тие се по управни одбори, надзорни одбори. Кога ќе биде изберена новата Влада, тие ќе се свртат против раководството, зашто ќе бараат одговорност зошто додека не беа на власт, не им дадоа решенија. Ќе те изгладнат добро, па ќе ти дадат парче леб да преживееш – Тоа е стратегијата на Груевски. Јас познавам луѓе кои дојдоа со скапани возила, а денеска возат Порше. Тие ќе се борат до последен здив, но кога ќе се избере нова Влада тие први ќе му се спротистават на новото раководство“, вели Близнаковски.

Тој вели дека само умноболен човек може да помисли дека можеме ние да победиме една НАТО сила и една Америка.

„Тие може да не сместат во еден Њујоршки кварт, не кварт, квартче, толку сме мали ние. Нашата иднина е ЕУ и НАТО. Ние тоа го зборуваме и како партија. Нашето мото на партијата беше ЕВРОПА СЕГА, на врв од нашата партиска агенда се НАТО и ЕУ. Оваа врхушка на ВМРО-ДПМНЕ станаа страшни србомани. Од патриоти македонски они станаа србомани. Членовите на ВМРО-ДПМНЕ во 90 години беа тепани на Прохор Пчински. Денес раководството на ВМРО-ДПМНЕ дозволува на Зебрњак да дојде српска делегација да слави таму каде што се угнетуваше македонскиот народ. А истото тоа раководство од Србија на македонска делегација не дозволува да положи цвеќе на Прохор Пчински. Освен вестите, 99 % програмата на провладините медиуми се на српски јазик. Наместо тие пари да ги дадат на наши групи, они го полнат џебот на српските пејачи“, истакна Близнаковски во гостувањето на 24 анализа на ТВ 24.

поврзани објави

Последни објави