5.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Сте го згрешиле Мухамедот, деца

Мухамед Зекири на фејсбук сподели текст од хадис во кој, меѓу другото, се тврди дека Алах ги проколнал оние кои сторуваат како луѓето на Лот – односно оние кои се вклучуваат во истополови сексуални односи. Македонскиот дел од интернетот скоро одма се запали со осуди, прогласувајќи ја објавата за говор на омраза, нарекувајќи го Зекири со секакви имиња, меѓу кои и нецивилизиран, средновековен, заостанат и ред други додавки што се упаќаат на адреса на секој кој ќе застане наспроти левичарската ортодоксија, особено во социјалната сфера.
Најпрвин малку контекст. Хадис во Исламот претставува сведочење за исказите и делата на пророкот Мухамед, каде обично пророкот се произнесува за доктринарно или етичко прашање. Конкретниот хадис кој го сподели Зекири е раскажан од Абу Хурије, еден од најблиските пријатели и соработници на пророкот, како и најчестиот раскажувач на хадисите.
„Луѓето на Лот“ се всушност содомитите. Лот, инаку библиски старозаветен пророк, кој е наведен и во Куранот како пророк на Исламот, бил праведник кој живеел во градот Содом. Книгата Постанок од Библијата тврди и дека Лот бил брат на пророкот и патријарх Авраам . Кога Бог му открил на Авраам преку тројца гласници-ангели дека планира да го разруши Содом поради гревовите на неговите жители, Авраам го молел Бога да го поштеди градот. Бог се согласил, под услов да најде барем десет праведници во градот. Двајца од ангелите-гласници се упатиле кон Содом, каде се појавиле во куќата на Лот, кој ги пречекал со гозба, не знаејќи дека се ангели. Меѓутоа, пред куќата на Лот се собрале сите мажи во градот Содом и од Лот побарале да му ги предаде гостите за да ги силуваат. Лот очајнички ја молел толпата да се откаже, дури и ги понудил своите две ќерки на толпата за да ги поштедат гостите, меѓутоа толпата била неумолива. Барале Лот да престане да ги осудува нивните адети, и дополнително се заканиле дека ако тој не ги предаде гостите, ќе го снајде и него истата, ако не и полоша судбина. Гостите во тој момент се откриле како ангели и ја ослепиле толпата, заштитувајќи го Лот и неговото семејство. Го поучиле да го напушти градот, бидејќи наскоро ќе биде уништен, но да не се обѕирнува на глетката. Лот и целото негово семејство таа ноќ избегале од Содом, но неговата жена не оддолеала на љубопитството и погледнала кон градот, и во истиот момент била претворена во солена стена.
Оваа приказна е неколкупати повторена и референцирана и во Куранот, светото писмо на исламската вера, како и во хадисите, кои се самите свет текст на Исламот. Конкретно, „луѓето на Лот“ се наведени и во хадисот кој го објави Мухамед Зекири, во кој Абу Хурије верно ги пренесува зборовите на пророкот Мухамед дека Алах ги проколнал „оние кои чинат како луѓето на Лот“.
Осудата на која наиде Мухамед Зекири за објавата на хадисот е зачудувачка. Особено е зачудувачко инсистирањето тој да се извини, да не споделува вакви објави, како и квалификацијата дека се работи за говор на омраза. Конкретно, во објавата нема ниту еден збор што е изворно на Мухамед Зекири. Хадисот е буквално препишан, збор до збор, преведен на албански јазик. Нема коментари , нити додавки од Мухамед Зекири. Зборовите кои се содржат во објавата не се на Мухамед Зекири, туку се зборови на пророкот Мухамед, Абу Хурије и имамите-толкувачи.
Проблемот е, ако Мухамед Зекири се извини, се откаже од ставот содржан во хадисот, или ако го осуди, ќе мора да се откаже од исламската вера. Ако тој под знак прашање ја стави валидноста на ставот на пророкот Мухамед, или верноста на хадисот, ќе ја прекрши една од најосновните доктринарни тези на исламската вера, дека Мухамед е идеалниот и најсовршен муслиман, чии убедувања и однесување треба да се емулираат од страна на сите муслимани.
Што се однесува до квалификацијата дека објавата е говор на омраза, тука имаме уште поголем проблем. Како што реков, ниту еден збор во објавата не е автентично на Мухамед Зекири, туку тој само го има препишано хадисот. Што значи дека ако објавата на Мухамед Зекири содржи говор на омраза, самиот хадис содржи говор на омраза. Фрлајќи кал, обвиненија и осуди кон Зекири, драгите лево-ориентирани интернетџии погодија еден друг Мухамед, пророкот на Исламската вера и гласникот божји.
Меѓуверскиот дијалог никогаш не е на одмет, дури ни во политичката сфера. Не сум поборник на онаа теза дека ниеден политички став не смее да биде врз основа на верска доктрина, со оглед на тоа што верските доктрини се речиси сеопфатни и имаат преклоп со скоро сите прашања на денешната политика. Од друга страна, расфрлање со термини како говор на омраза, и повици за откажување од религиозни формирани ставови језиво потсеќаат на обид за задушување на секакво застранување од левата социјална ортодоксија, дури и кога доаѓа од деклариран левичар со извесни конзервативни сфаќања. Особено проблематично е квалифицирањето на светите религиски текстови како говор на омраза и повиците верниците да се откажат од ставовите кои се содржат во тие текстови, бидејќи овдека веќе се задира во религиозната совест на човекот, каде што најпаметно е од надвор да не се чачка.
Така што, драги мои, размислете малку. Дали сте подготвени да ги прогласите Куранот, Хадисите, Библијата, Тората или Бхадавад Гита за говор на омраза? Сите овие текстови содржат барем еден пасус кој е „проблематичен“ од аспект на левите социјални доктрини. Дали сте спремни да барате од луѓето да се откажат од својата вера заради политички причини? Мој совет е да се баталите од таа ‘рџава посла. Да го цитирам и јас самиот Мухамед Зекири, „полошо ќе биде за вас.“

Пишува: Никола Џилвиџиев

поврзани објави

Последни објави