Скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска се сретна со поголем број сопственици на угостителски објекти од повеќе локации од Скопје за подобрување на забавниот живот и за понудата во главниот град.
Целта на овие средби е сопствениците на угостителски објекти да ни дадат идеи како да се збогати забавниот живот во Град Скопје. Идеите ние ќе ги разгледаме заедно со тимот и со стручните лица и ќе дефинираме како тоа да го направиме. Целта е во август да понудиме одлична забава во Скопје зашто на 8 август ќе се одржи фудбалскиот Суперкуп, а од 7 до 12 август ќе се одржи и Скопскиот Пиволенд и од тогаш ќе почне големата забава во Скопје, истакна градоначалникот Трајановски.
Според него, сите тие што ќе останат во Скопје овој период, како и тие што дополнително ќе го посетат ќе бидат пречекани со многу забава и интересни содржини.
Хасан Даутовиќ од ресторанот „Austrian Palace“ во Старата скопска чаршија рече дека ги претставиле своите идеи и барања за подигнување на ноќниот живот во Скопје.
На средбата присуствуваа десетина сопственици на угостителски објекти од различни локации во Скопје, кои истакнаа дека имаат одлична соработка со Град Скопје.