Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ја прекине расправата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски.
Димовски рече дека јавноста е манипулирана од СДСМ и Џафери за приоритетноста за разрешување на јавниот обвинител бидејќи денеска во салата како присутни се пријавиле само дваесетина пратеници од парламентарното мнозинство.
„Еве, и да се откажеме од дебата денеска, нема да може да се гласа бидејќи половина од пратениците на СДСМ и ДУИ се веќе на годишен одмор. Во салата има присутни дваесетина пратеници на парламентарното мнозинство, што ја покажува приоритетноста што со денови ја слушаме од СДСМ. Затоа, Ве повикувам, господине Џафери, да ја ставите оваа точка во мирување и да преминеме на некои од наредните точки кои навистина се приоритет за граѓаните на Република Македонија“, рече Димовски.
Тој додаде дека во моментот во собраниската сала има повеќе новинари отколку пратеници на СДСМ, што е јасен сигнал за сериозноста на ова тенко мнозинство во Собранието.