11.8 C
Skopje
Friday, November 1, 2024

ММФ предвидува економски раст од 1,9 отсто и инфлација од 1,2 отсто во 2017

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, што од 6 до 18 септември годинава спроведе годишен преглед на македонската економија, очекува по забавување на реалниот раст на БДП на 2,4 проценти во 2016 година тој да се ублажи до 1,9 отсто во 2017 година, а инфлацијата да достигне 1,2 отсто, со што ќе заврши тригодишната дефлација.

– Продолжената политичка неизвесност го зеде својот „данок” врз економскиот раст, преку страдање на инвестициите поради слабите одлуки. Формирањето на новата Влада означи важна пресвртница. Политиките сега треба да се фокусираат на обновата на баферите за фискална политика и спроведувањето на критичните реформи за повторно оживување на растот и да се направи нов притисок кон изгледите за пристапување кон ЕУ, се вели во завршната изјава на Мисијата на ММФ по член 4 за 2017 година.

Извештајот оценува дека среднорочната перспектива е поволна во зависност од континуираната политичка стабилност и силната надворешна побарувачка.

– Реалниот раст на БДП се очекува одново да се врати на повисоко ниво во 2018 година и постепено да се зголеми на 3,75 отсто на среден рок, поддржан од подобрените одлуки од страна на инвеститорите, проширените извозни капацитети и континуирано подобрување на условите на пазарот на трудот. Ризиците во однос на изгледите се во надолна линија, стои во извештајот на ММФ.

Според Мисијата на ММФ, во отсуство на трајни мерки за консолидација, фискалниот дефицит се очекува да се прошири и јавниот долг да порасне.

– Покрај забавениот раст, не доволното извршување на трошоците за капитални инвестиции и за стоки и услуги, најверојатноќе го задржат фискалниот дефицит на ниво од околу 3 проценти од БДП во 2017 година. На среден рок, проектираниот дефицит ќе остане над 3,5 проценти од БДП како одраз на исплатата на неисплатените обврски, субвенциите за зголемувања на платите и дополнителна поддршка за социјална заштита. Како резултат на тоа, се очекува јавниот долг да достигне ниво над 53 проценти од БДП до 2022 година, при што се проценува дека потребите за фискални финансирања на бруто ниво да достигнат 15,5 проценти од БДП, се вели во извештајот.

Мисијата ја поздравува намерата на Владата да го зајакне управувањето со јавните финансии и да ја зголеми фискалната транспарентност, а банкарскиот систем го оценува како здрав.

Во извештајот се оценува дека подобрувањето на среднорочниот потенцијал за раст зависи од одлучното справување со слабостите на судството и сеопштото управување.

Во Министерството за финансии денеска се одржа завршниот состанок со тимот на ММФ кој престојуваше во земјата. На состанокот присуствувал тим на Министерството за финансии, предводен од министерот Драган Тевдовски, како и гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Министерот Тевдовски, како што информираат од неговиот Кабинет, на состанокот се заблагодарил на отворените дискусии со Мисијата на ММФ, и истакнал дека прелиминарните заклучоци и конечниот извештај ќе бидат сериозно земени предвид при водењето на економската политика. Тој ја истакнал и определбата за подлабока соработка со ММФ, првенствено преку користење на техничка помош и редовна размена на податоци и информации.

поврзани објави

Последни објави