Францускиот премиер Едуар Филип денеска ги отфрли критиките за неговата одлука да потроши 350.000 евра од буџетот за авион од приватна компанија со кој премиерот и неговата делегација се вратиле во Франција од посета на Јапонија.
– Целосно ги разбирам вознемиреноста на францускиот народ. Знаевме дека нема комерцијален лет од Токио во тој период, а моравме да се вратиме во Париз бидејќи претседателот Макрон заминуваше во посета на Алжир. Правилото е, секогаш кога е тоа возможно, или премиерот или претседателот да биде во Франција. Преземам целосна одговорност за одлуката, изјави Филип.
Премиерот Филип е критикуван поради тоа што иако на располагање имал службен авион на француската Влада, не го искористил, наводно поради тоа што леталото не било доволно удобно. На крајот, изнајмениот приватен авион пристигнал во Париз само неколку часа пред владиниот авион, кој летал празен.