Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх на Светата Столица во Република Македонија и во име на Владата и во свое лично име го честита празникот Христово раѓање – Божик на верниците од католичка вероисповед:
„И оваа година се роди богомладенецот, придружуван од песната на ангелите во негова чест и во чест на овој настан: „Слава му на Бога во висината, а на земјата мир меѓу луѓето!“
Секоја година Божик повикува на нова, лична преобразба, да понудиме мир за сите и да повикаме да го преобразиме злото во добро.
Секоја година Христовото раѓање е нова надеж за подобро утре за секој човек, во секое семејство. Во секој дом и во општеството, во кое сите сме повикани да учествуваме да изградиме похуман и праведен свет, со уверување дека во мир и спокојство имаме можност за попросперитетна иднина за сите.
Христос се роди. Среќен Божик за сите!“- се вели во честитката на премиерот Заев.