20.8 C
Skopje
Thursday, October 3, 2024

Прилепските гладијатори

Сте слушнале ли за членовите на клубот за бразилска џиу џица „Роотс Бјј“ од Прилеп? Се сретнав со нив, тренирав со нив, се дружев со нив. Тоа се едни прекрасни млади луѓе, кои веќе си имаат зацртано високи цели во својот живот. Едни прекрасни млади луѓе кои не се задоволуваат со просекот туку „горат“ за да го достигнат максимумот. Тие сакаат да бидат шампиони и веќе се шампиони, бидејќи трудот што секој ден го полагаат за да успеат е повеќе од шампионски. Тие се една успешна приказна, која треба да се раскажува како пример. Нивните успеси постигнати со многу труд, ја покажуваат силата на човековата волја. Колку луѓе познавате што се подготвени да преминат и преку пеколот за да стигнат својата цел?

Се работи за труд, пот и дисциплина. Се работи за деца во нивните најлуди години, кои своето слободно време го посветуваат на нешто поразлично од тоа да бидат „денгуби“ и работат напорно за да остават нешто позади себе. Тоа е голема реткост во денешно време.

Сакам да ја раскажам приказната за прилепските гладијатори, бидејќи нашата земја, нашето општество има потреба од такви приказни. Кај младите не владеат само дрогата, алкохолот и криминалот, кај нив на мода е и спортот, а спортот воспитува и освен телото го челичи и духот. Прекрасен пример за тоа се и моите нови пријатели од „Roots Bjj“ од Прилеп, кои секој ден се борат со наметнатото мислење дека „денешната младина не чини“. Чини и тоа како, денешната младина, треба само да биде насочена во вистинската насока и може да прави чуда. Верувајте во денешната младина и дајте и шанса да стане шампионска младина.

Поминав неколку месеци со членовите на клубот „Roots Bjj“ од Прилеп. Научив многу од овие прекрасни млади луѓе. Научив дека секоја секунда повеќе напор се исплати и те прави појак. Научив дека боречките вештини се прекрасна алатка за воспитување, и ако ми дозволите една малечка шега, изгледа дека и тие исто како ќотекот се излезени од рајот.

Знаете ли колку сум воодушевен од луѓето со кои се дружев последните неколку месеци? Би сакал моите внучиња да личат на нив. Да бидат упорни и истрајни во борбата, да флертуваат со болката, да бидат шампиони, без разлика дали ќе се закитат со медали или не. Поентата е друга и таа се крие не во блесокот на медалот, туку во капките пот на татамито.

За крај би сакал да им се заблагодарам на тренерите Пеце и Катерина и на малите шампиони за прекрасните мигови поминати со нив.

поврзани објави

Последни објави