13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

Гонзалес до Трамп: За ВМРО е доцна, тие не се на власт поради мешање од нашата амбасада, но САД можат да помогнат со смена на Бејли!

Мајк Гонзалес од американската фондација „Херитиџ“ во својот последен коментар објавен на нејзината вебстраница, насловен „Како Доналд Трамп ќе ја промени неуспешната стратегија за надворешната политика на Обама“, се осврнува и на ситуацијата во Македонија, препорачувајќи му на претседателот на САД да го смени амбасадорот во Скопје, Џес Бејли.

Фото

„’Нуландизмот’ (Викторија Нуланд беше помошник-државен секретар за Европа во администрацијата на Обама – н.з.), како што е наречена доктрината, ќе се промени со Хукизам (Брајан Хук, актуелен директор за планирање политики во Стејт департмент – н.з.), ни беше кажано. За некои, како што е конзервативната и проамериканска партија во Македонија, ВМРО, е премногу доцна. Тие беа оставени надвор од Владата по мешањето таму од нашата амбасада. Но, САД сé уште можат да помогнат со замена на американскиот амбасадор во Скопје, кого конзервативците, исто така, го обвинуваат за поддршка на секуларизмот и на ерозијата на македонскиот идентитет“, пишува експертот на конзервативната фондација од Вашингтон во својот коментар, во овој контекст критикувајќи го и донеодамнешниот заменик на помошникот државен секретар, Брајан Хојт Ји.

Осврнувајќи се на односот на Нуланд и на други високи американски функционери одговорни за надворешната политика во времето на Обама кон сојузниците во Централна и во Источна Европа, посебно нивните критики кон конзервативните влади во Полска и во Унгарија, заедно со претходната во Македонија, Гонзалес навестува пресврт, повикувајќи се на документ напишан од Хук.

„Стратегијата за национална безбедност, неодамна објавена од страна на администрацијата на Трамп, ги истакнува прашањата кои се навистина критични за националната безбедност на САД, давајќи надеж дека надворешната политика повеќе нема да биде за принудување на светот да се придржува кон агендите за политики на големите либерални донатори, како што се Џорџ Сорос и Том Стаер.

Фото

Следењето на она што го прават стотици амбасади, конзулати и службеници на УСАИД и утврдување дали тие навистина ги поддржуваат целите на националната безбедност на САД, не е мала работа. Потребно е ниво на надзор и проникливост што може да се постигне само ако администрацијата поставува доволен број на политички именувани лица и ако тие назначени лица навистина се грижат за критичните прашања поврзани со националната безбедност.

Колку порано има доволно политички насоки, толку подобро“, заклучува авторот на коментарот.

Освен што се пројавува со експертски анализи за „Херитиџ“, каде што од 2009 година беше потпретседател за комуникации, Мајк Гонзалес претходно има работено 20 години како новинар, од кои 15 известувајќи од Европа, Азија и Латинска Америка, по што го напушта новинарството и ѝ се приклучува на администрацијата на претседателот Џорџ Буш. Таму работел како пишувач на говори за претседателот на Комисијата за безбедност и размена, Кристофер Кокс, пред да премине во Бирото за Европа при Стејт департмент.

Родениот во Куба, која ја напуштил на 12 години, a денес е висок соработник на американскиот Институт за меѓународни студии, i во екот на политичката криза во Македонија минатата година се заложи за отповикување на Бејли преку напис во „Дејли сигнал“.

поврзани објави

Последни објави