6.8 C
Skopje
Tuesday, October 8, 2024

Модерна Македонија

Пишува: Проф. Д-р Ненад Новковски

 

Мојата земја се нарекува Македонија. Со тоа име се потпишувам во моите дописи и трудови на меѓународно ниво. Тоа име често се разликува од името на државата, како што на земјата Франција има држава Француска Република (République de France), како што името на државата за Швајцарија е Швајцарска Конфедерација (Swiss Confederation, Confoederatio Helvetica) итн. Сум живеел во сите нововековни македонски држави, од Народна Република Македонија, преку Социјалистичка Република Македонија до Република Македонија, којашто во Обединетите нации е регистирана како Поранешна Југословенска Република Македонија.

Деновиве горливо прашање е дали да се смени името (ПЈРМ за меѓународна употреба и Република Македонија за внатрешна и за голем број билатерални употреби).  Жестокоста на полемиката е повеќе од разбирлива, но вџашува несоодветното и многу пати контрапродуктивно аргументирање. Примерите се многубројни, но ќе наведам само неколку за илустрација и за придонес во канализирањето на општествените сили кон продуктивен исход.

Еден пример за апсурдни аргументи е дека името не треба да се смени, поради тоа што се работи за најстара држава. Но, знаеме дека најстари држави се Италија и Иран, а тие во минатото се викале Рим и Персија.

Но има и многу почудни поведенија, како оние поврзани со односот на името и идентитетот. Расправата се сведува на тоа дали промената на името е поврзана со промена на идентитетот. И токму оние што тврдат дека промента на името е поврзана со промена на идентитетот, ја пропуштаат главната смисла на тоа тврдење. Да, променето име значи и променет идентитет, но тоа важи во обратната насока – кога ќе се промени идентитетот – се менува и името. А ние го менуваме идентитетот – од сојузна единка во социјализмот во независна држава со пазарно стопанство и демократско уредување, со тенденција да стане просперитетна европска држава.

Кога пред дваесет и седум години ја отпочнавме активноста за создавање на самостојна македонска држава имавме пред очите еден конкретен идентитет – модерна Македонија. Модерна Македонија којашто се разликува од сите претходни форми.

Модерна Македонија различна од античка Македонија. Од онаа античка Македонија што не поврзува со соседна Грција, без разлика што и колку е историја а што е мит. Преку големината на Филип којшто му ја дал потребната поддршка на најголемиот мислител на антиката, Аристотел, со немерени количини на злато, амбари со жито и со робови, потребни за поддршка на неговата дејност. Тој Аристотел чијашто мисла била надмината дури после повеќе векови. Секако, вреди да се спомене и Александар, но во негативна смисла. Тоа е оној лидер што ја уништил античката држава носејќи ги војниците во гибел во азиската пустелија. Токму затоа, а не поради нечии туѓи барања, на оваа личност не треба да и се поставуваат споменици и да ѝ се обележува името. Посебно не на местото коешто му припаѓа на оној којшто го бележув почетокот на дејствата насоќени кон современата македонска државност – Карпош, кому што единствено му припаѓа централниот плоштад во нашата татковина.

Модерна Македонија различна од сите средновековни форми на организација, коишто не можат едноставно да се изложат. Сепак, со остаток на трајниот белег во нашиот идентитет – делото на Св. Климент и целата низа на просветни и научни активности што влечат корен од него, претставени во редо т на македонската просвета.

Модерна Македонија различна од државните форми во сојузната држава ДФЈ/ФНРЈ/СФРЈ. Во таа смисла, не само Поранешна Југословенска Република Македонија туку и Република Македонија одразуваат поранешен идентитет којшто го напуштаме. Често се поврзаува терминот Република Македонија со опис на уредувањето (република или монархија), но тоа правилно се искажува како во случајот на Франција (Француска Република), додека Република Македонија упатува на подреденоста во сојузнта држаа СФРЈ по примерот на СССР. Напуштањето на ова име ќе биде потврда на нашата заложба за создавање на независна демократска држава.

Но она што е поважен белег за националниот идентитет од минатото, тоа е визијата за иднината на земјата. На почетокот на дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ, пред окупирањето од страна на натрапничкото раководство што уште ги држи управувачките палки, имавме јасна визија изградба на просперитетна демократска европска држава. Модерната визија на некогашните погледи за иднината на Македонија, обично поврзувани со гледањата на Ванчо Михајлов, ги изложив на почетокто на осамостојувањео во статијата „Ќе стане ли Македонија Швајцарија на Балканите?“ (Глас 21-22).

Модерна Македонија како дел од обединета Европа – тоа е оној идентиет кон којшто се стремевме и се стремиме, спротивно на некои што сакаат да не вратат назад, во некои антички или вардарски времиња. Тој идентитет е она за што се залагаме. И името Моредна Македонија целосно му соодветствува.

Тој идентитет треба да се вгради во Уставот, со јасни одредби дека никој којшто е поврзан со какви и да било екстремистички поведенија или тоталитарни идеологии не смее да учествува во политичкиот живот ниту на национално ниту на општинско ниво.

Наше е да се покажеме достоинствени, со визија и одлучност и да го поднесеме новото име со новиот идентитет до ООН. Со тоа спорот којшто се води билатерално со Грција ќе стане безпредметен и ќе треба само да ги информираме дека не постои никаков проблем, дека ние сме далеку понапред од многу други и дека други треба да го следат нашиот пример.

Македонија секогаш била н чело на просперитетните дејства. Тоа мора да се повтори и со Македонија од дваесетипрвиот век. Таа мора да докаже дека е единствената којашто ги оставила зад себе сите мрачни наследства од сите минати времиња и со тоа да биде пример за сите во иднина.

Треба да покажеме дека нашата држава е едноставно

Модерна Македонија

поврзани објави

Последни објави