14.6 C
Skopje
Monday, October 7, 2024

Традиционален работен ручек на Иванов со амбасадорите на земјите од Вишеградската група

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска приреди традиционален работен ручек со амбасадорите на земјите членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија.

Од Kабинетот на Иванов информираат дека претседателот и амбасадорите разговарале за натамошното продлабочување на билатералните односи и соработката, за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на интеграција во ЕУ и НАТО, како и за клучните предизвици со кои се соочуваат Европската Унија и континентот Европа.

Соговорниците констатирале дека земјите имаат воспоставено одлични билатерални односи и континуиран политички дијалог кои се базираат на искрено пријателство, меѓусебна почит и заемно разбирање.

Претседателот го истакнал големото значење на досегашната принципиелна и отворена поддршка од Вишеградската група во однос на евро-атлантските интеграции на Република Македонија, која е од исклучителна важност за исполнувањето на нашите стратешки цели и приоритети. Во тој контекст, македонскиот претседател ја нагласил неопходноста од фер третман за Република Македонија во однос на отпочнувањето на пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ.

„Република Македонија останува посветена на патот кон целосна интеграција во Европската Унија и во НАТО и на тој план очекуваме вашата политика на отворени врати да помогне во соодветното вреднување на нашиот напредок“, порачал македонскиот претседател.

Заемното соочување со предизвиците од мигрантската и бегалската криза, претседателот Иванов го истакнал како позитивен пример на соработка меѓу земја кандидат за членство и земји членки на Европската Унија и се заблагодари за помошта во опрема и во полициски сили од земјите на Вишеградската група.

Кабинетот на Иванов информира дека амбасадорите ги поздравиле напорите на Република Македонија за што поскоро зачленување во ЕУ и во НАТО и изразиле уверување дека земјите од Вишеградската група ќе продолжат со поддршката на европските и евро-атлантските аспирации на нашата земја.

На средбата биле разгледани и можности за идни активности во економската сфера со цел продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу Република Македонија и земјите на Вишеградската група.

На средбата присуствувале амбасадорот на Унгарија, Ласло Иштван Дукс, амбасадорот на Словачката Република, Хенрик Маркуш, амбасадорот на Република Полска, Јацек Мултановски, и амбасадорот на Чешката Република, Мирослав Томан

поврзани објави

Последни објави