Општина Аеродром доби уште една градинка, за чија изградба беа одвоени 25 милиони денари од буџетот на општината. Градинката има капацитет да смести 250 дечиња.
Градинката е третоотворена во општината по новоизградените во Реонски центар и во Горно Лисиче. Таа располага со шест занимални, простор за прием, кујна и санитарни јазли, а објектот е и енергетски ефикасен.
Новоотворените простории денеска ги посетија премиерот Емил Димитриев, министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими и градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Конески.
Според премиерот Димитриев, со пуштањето во функција на овие простории, општината значително го зголемува опфатот на деца кои се згрижени во градинките.
„Тоа е генерална политика на Владата во соработка на општините да се зголемува опфатот на деца кои ќе бидат згрижени во градинките. Во изминатиот период, Владата во соработка со општините доста инвестираше во нови градинки. Од 2009 година досега отворени се 57 градинки, а само лани, нови 14 градинки со вкупен капацитет околу 1.400 места“, истакна Димитриев.
Тој најави дека во следниот период треба да започне и реализацијата на проектот за изградба на нови 140 градинки за кои ќе бидат инвестирани околу 25 милиони евра.
Министерот Ибрахими истакна дека во следниот период ќе се посветат на изградба на еколошки и најсовремени градинки во градовите низ државата.
„Во моментот имаме вкупно 32.484 деца сместени во 64 објекти во 54 општини. Но, тука не запираме. Во следниот период ќе се посветиме на изградба на еколошки и најсовремени градинки во сите градови на Македонија за да не се случат листи за чекање како во изминатиот период“, рече Ибрахими.