„Што бе сега ќе плаќам паркинг за пола саат работа. Ќе се паркирам тука на тротоарчево, што има врска!“, „Ееее далеку ми е корпата за отпадоци, дај бе па никој не ме гледа ќе си го фрлам отпушокот во тревата“, „Абе ај сега за три станици ќе плаќам карта во автобус, шанси нема“… И се така до недоглед…
Република Македонија зафаќа површина само 25.713км2… На толку мала површина е нелогички, несфатливо да владее овој хаотичен систем на безредие каде што нема почитување на правила, закони и прописи … Се прашувам кој е виновникот, од каде произлегуваат вакви траго-комични проблеми. Дали тоа доаѓа од пропустите во законите што стојат само во документна форма и не се спроведуват или пак од свеста на ѓраѓаните?!
Се прашувам само дали граѓаните од Македонија постапуваат на ист начин кога се надвор од македонските граници? Дали нашите мили Македончиња ги остават автомобилите на несоодветни и забранети места за да тркнат до блискиот маркет, (кој ќе бара паркинг па ќе плаќа за 15 минути работа), дали минуваат на црвено за побргу да стигнат до саканата дестинација, дали не ги почитуваат соoбраќајните правила и знаци, дали запираат на сред улица за да се поздрават со познаници, дали во излив на нервоза излегуваат од автомобил на сред улица и се расправаат, дали паркираат пред куќите, зградите на тротоарите каде што нема ознака за дозволено паркирање… Дали, и надвор од границите е така како во нашата мила Македонија… Или сепак надвор изиграваме културни господа и француски примадони… Дали, дали, дали…
Пред некој ден случајно загледав една „дама“ стокмена, дотерана од глава до пети и си викам браво за девојкава, секоја чест… и опп само што ми поминаа тие пофални зборови низ главата дотичнава ДАМА, со големо „Д“ ја види мастиката од уста и ја плука на сред улица!!! Леле, леле мори мајко! Да „дамо“ си видела како се носат девојките во Париз ама културата си ја заборавила дома!
Се воведуваа и кампањи за селектирање на отпадоци и ништо и од тоа! „Е сега на толку обврски па и ѓубрето ќе го селектирам ,за тоа време ќе си пијам кафе и ќе бистрам политика со комшивката“…
Кој е виновен?
„Дамата“ што знае дека ако е во Париз дека ќе плати дебела казна (ама овде и се може па сите така прават нели), пешакот што оди по улиците каде што би требало да се движат автомобилите, или пак вината е на возачите со автомобилите кои што се паркираат по тротоарите?!
ЕЈ БИТНО ИМЕТО НЕ ГО ДАВАМЕ И НАВИКИТЕ ЌЕ СИ ГИ ЧУВАМЕ! КОЈА ЕВРОПА, КОЕ НАТО АБЕ ЗА НАС И МЈАНМАР Е МНОГУ!
Автор: Александра Трнковска
Извор: Трибуна