Познатиот македонски пејач Влатко Илиевски ќе биде погребан утре (недела, 8.7.2018 година) во 12 часот на гробиштата во Ѓорче Петров.
Неговото семејство, пријателите и фановите ќе се простат со пејачот еден час пред погребот, односно од 11 до 12 часот во капелата на гробиштата.
33-годишниот Илиевски синоќа беше пронајден мртов во неговиот автомобил на улицата „Трета македонска бригада“ во Скопје. Сѐ уште не се познати причините за смртта, а според првичните информации, кај починатиот поп-пејач не биле видливи траги на насилство, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.
Дежурен јавен обвинител од ОЈО работи на расветлување на причините за смртта, а како што претходно објави МВР, неговото безживотно тело било пронајдено синоќа во 23 часот во автомобил „тојота“ на улицата „Трета македонска бригада“ во Скопје.