7.8 C
Skopje
Tuesday, February 18, 2025

Бонуси, ефтин смештај – се викам Маја, работам во Мексико и топ ми е

„Кога дојдов овде, доживеав голем шок, ова морам да го признам. Првата работа на која мораше да се привикнеме, а се’ уште не сум се привикнала – е страшната влага и жегата која трае 360 дена во годината.“ – вели 39-годишната Маја.

Втората работа за која ми требаше време се Мексиканците!

Овде сум веќе 6 години, а сега живееме во градот Playa del Carmen на мексиканските Кариби. Со сопругот размислувавме да заминеме некаде надвор, бидејќи со нашите плати едвај живеевме скромен живот. На некој од форумите онака пропратно, една пријателка ми спомна дека нејзина роднина работи за американска компанија во Мексико и дека бараат наши луѓе. Испратив биографии, направивме интервју преку Скајп и за помалку од месец дена седевме во авион упатени кон Мексико.

И сопругот и јас имавме договорена работа за иста компанија, а требаше да поминат уште некои тренинзи и тестови пред конечното вработување. Работното време е 8 часа, прекувремените се плаќаат или се добива слободен ден, како – кога. Тешко ми е да говорам за работничките права овде, можам да кажам дека платата доаѓа на време, а истото важи и за прекувремената работа. Има работа, а ако не си задоволен со фирмата, без страв можеш да дадеш отказ бидејќи новата работа ќе ја најдеш за неколку дена.

Нашата фирма исплаќа божиќни и уште некои други бонуси, а мислам дека „божиќницата“ е со закон пропишана, но не сум сигурна за ова.

Јазикот го учевме од колегите на работа, многу ни помогнаа додека не се снајдовме. Шпанскиот не е тежок за учење, а во овој дел на Мексико сите главно зборуваат на англиски, па немаше проблеми.

Станови има колку сакаш, од 200-тина долари до неколку илјади, па ти одбери си. Има нови, модерно уредени згради со базени на кров, има стари згради и станови, традиционални мексикански, со шарени рустикален декор… Работа на вкус и можности, а избор има.

Playa del Carmen е туристичко средиште на Мајанската ривиера. Некогаш било малечко рибарско село, а сега е град од 100.000 жители, 50-тина километри од Канкун. Градот би го опишала како мешавина од се’ и сешто. Луѓе од цел свет живеат овде, Мексиканци од другите делови на земјата, локални потомци на Маите…Мултикултурализам на врв!

Има и подобри но и полоши делови на градот, има квартови во кои не е сигурно, има ограничени квартови со приватно обезбедување и вили… Средиште на градот е 5.авенија, пешачка зона со ресторани, хотели и бутици. Во градот имаме неколку шопинг центри, тип на америчките молови, од популарните дуќани како Зара, Хилфигер… па до дизајнерските бутици Хуго Бос, Армани…а има и многу евтини, „ноу нејм“ облека и обувки.

Предноста на овој град е што се’ уште е сигурен, за разлика од Канкун каде веќе не е сигурно да се шеташ по улици. Туристичката зона е поскапа, но така е секаде во светот. Цела оваа област е се’ уште во развој за некои работи и треба да се има трпение, на пример, супер брз интернет.

Данок не се плаќа на храна и на некои основни работи, а инаку е 16%. Данокот на добивка е малку покомплициран, при вработувањето можеш да си одбереш 11% или т.н. интерен данок кој е 25% или повеќе, не сум сигурна, но со тоа собираш бодови па имаш големи поволности при купување на некретнина. Повеќето Мексиканци одат на таа опција бидејќи после две години работа можат да купат куќа за смешни пари и државен кредит.

Државниот здравствен систем е лош, барем во овој дел на земјата. Но, има модерни приватни болници и ординации кои секако се скапи. Постои можност за плаќање на приватно здравствено осигурување кое ги покрива трошоците за лекување во приватните установи. Амерички модел на здравство.

За образовниот систем не знам премногу. Знам дека постојат државни и приватни училишта, овие вториве секако се поквалитетни. Повеќето странци се одлучуваат за приватни доктори и приватни школи.

Мексиканското песо во однос на доларот е 19:1, а варира во зависност од сезоната, вон туристичка сезона е поволен период. Овде се јаде многу риба и морски плодови, шкампите се релативно поевтини. Во северните делови на Мексико исхраната се базира на месо, ориз, тортиљи. Свежо овошје и зеленчук има во изобилие и ние главно со тоа се храниме. Забележав дека квалитетот на месото е доста лош, па го одбегнуваме.

Мексиканците се среќни и опуштени луѓе. Задоволни се и благодарни за се’ што имаат. Животот полека тече, се живее од ден на ден. Бидејќи е туристичко место ечиси и да нема разлика помеѓу обичен работен ден со викенд. Улиците се секогаш полни, клубовите работат секоја ноќ, забавите траат 24 часа, ако така сакаш. А можеш да живееше и мирно, семејно, во тесен круг на пријатели со повремена домашна забава.

Интересна е забраната за продажба на алкохол во дуќаните од недела наутро до понеделник наутро.

Носталгија за родниот крај повеќе немам, имаше некои емоции на почетокот, ми беше тешко и ми недостигаа пријателите. Но моментно не планирам да се враќам, овде ми е убаво. Немам намера да ви кажувам дека тука е совршено и да ви раскажувам бајки, секогаш во секоја туѓа држава ние сме странци и тоа е факт. Но тука веќе се навикнавме и создадовме дом со сопругот, а за во иднина не знам, не можам да зборам.

Обработи: Стефан П.

поврзани објави

Последни објави