За Синиша Евтимов, режисер од помлада генерација кој стана заштитно лице на современата македонска комедија, Скопје може да се доживува на најразлични начини. Но, она што е основно е тоа што во сите тие „изданија“ константна е неговата голема љубов кон овој град.
о Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Ми се појавуваат слики од различни периоди на целиот мој живот, па дури и периоди во кој не сум бил во него. Повеќето од нив поврзани со моето детство, мојата фамилија и местата и институциите кои ме направија она што сум денес: МНТ, МКЦ, ПМГ Колектив, Канал 103, ФК/РК Вардар, Метропол (96-2002)…
о Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
– Скопје е сега и вчера и утре. Некогаш светол, некогаш сив, некогаш кич, некогаш ултра кул, модерен и застарен истовремено. Апсолутно несовршен, но вечно сакан. Многу често некој знае да каже: “у мое време беше боље”, и најверојатно е во право, затоа што зборува за сопствениот ракурс и контекст, не обрнувајќи внимание на духот на времето, какво и да е, ниту пак на курентните општествени околности. Секој Скопјанец има свое Скопје со свои тајни поради кои го сака својот град. Убеден сум во тоа дека секоја нова и мината генерација Скопјани има свои локални херои и локации поради кои тие мислат дека Скопје од нивно време е она правото. Јас се согласувам со сите нив.
о Што позитивно а што негативно влијаеше врз Вас живеењето во Скопје?
– Скопје е мојот дом и се обидувам бескомпромисно да го сакам со сите негови доблести и маани. Маневрирам помеѓу општествената и архитектонска какафонија, одбегнувајќи било какви влијанија. Но, ако веќе мора, ќе ги споменам оние кои ми помагаат да верувам дека живеам во метропола: Канал 103, МКЦ, МНТ, ПМГ Рекордингс, Скопје Џез Фестивал, Балкан Велики, Синедејс, Сетстат, Здраво Млади, Шпато…
о Што му дадовте Вие на Скопје?
– Врската е нераскинлива и ко-валентна. Моите претстави, особено оние на сцените на Македонскиот Народен Театар и Театар Комедија, како и музиката која ја креираме со ПМГ Колектив, се комплетна посвета на скопскиот дух и Скопје воопшто. Сепак чувствувам должност и лична одговорност никогаш да не престанам да креирам за и во мојот град.
о Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Ќе морам по трет пат, исто да одговорам. Да не станам досаден, прочитајте ги споменатите личности и институции, погоре во разговорот :).
Целото интервју прочитајте го на Скопско ЕХО – ОВДЕ