Во повеќе наврати досега, академик Митко Маџунков, доајенот на македонската реч и литература, отворено зборуваше за македонскиот јазик како темел на националниот белег и идентификација, пишува Нова Македонија.
Маџунков ги истакнуваше автентичноста на нашиот мајчин јазик и неговата употреба за афирмација на нашиот народ и предупредуваше за тоа како токму јазикот се најде прв на удар на лингвистичкиот империјализам.
Честопати го цитираше тестаментарниот текст на Блаже Конески, кој пред својата смрт напишал дека ако „балканските циници, инспираторите на геноцидот“ успеат да го уништат македонскиот јазик, тогаш ќе знаат дека уништиле нешто големо… Меѓутоа, академик Маџунков овој пат лансира ставови од Хрватска, кои имаат стравотно силни и длабоки политички референци со несвојствено темни сценарија за нашата држава.
Како припадник на највисоката академска институција на Македонија – МАНУ, како интелектуалец од највисок ранг, тој знае дека со себе носи и највисока академска одговорност за искажаните ставови, ако се појде од фактот дека тој не е политичар, туку зрел научник, кој прави проекции и гледишта што треба да се научно фундирани и издржани.
Зошто токму сега, зошто од странство и конечно, која е целта на неговиот истап – последно предупредување или проекција што дополнително ќе уплаши, подели или можеби мобилизира?
Академик Митко Маџунков деновиве даде интервју за хрватскиот портал Експрес.хр, во кое изнесува ставови со силни и длабоки политички референци со несвојствено темни сценарија за нашата држава. Од обемното интервју издвојуваме неколку дела со констатации на академикот, кои предизвикаа најголемо внимание.
Нашиот јазик се наоѓа во смртна опасност
Мене ми беше јасно дека враќањето кон матичната средина во професионална смисла е книжевно самоубиство, но сепак, ако јазикот е единствен инструмент за пишување, ако мајчиниот јазик е поважен од сѐ друго, тогаш како писателот, кој се откажал од автентичноста во една автентична работа, би го стекнал почитувањето на самиот себе? Дури и кога избраниот животен пат води во неизбежен пораз, подобро е човекот да избере и пораз отколку да се откаже од автентичноста. Така и јас, повеќе со срце отколку со размислување, но одлучно, решив да се вратам во својата татковина, на својот јазик, без да знам дека тој толку брзо ќе се најде во смртна опасност, во каква што несомнено е сега.
Дали ние Македонците воопшто заслужуваме држава?
Кога беше објавена албанската платформа, која беше вовед во сѐ што сега се случува, јас прв реагирав, но МАНУ немаше слух за историскиот момент, макар и само да ја потврди сопствената декларација од 2010 година, според која, предмет на разговорите за името може да биде само името и ништо повеќе. Сегашниот „договор“ е безусловна и непоправлива капитулација на Македонија. На наша срамота, мора да се постави прашањето дали ние, Македонците, воопшто заслужуваме држава, дали сме ѝ достојни, знаеме ли што значи таа? Единствен случај е тоа, најверојатно, во светската историја, некој да се откажува од своето име, своето право на постоење, својата историја, својот народ во дијаспората.
Од држава со ограничен суверенитет, со тој срамотен „договор“, комплементарен со албанската платформа и во блиска врска со договорот за „добрососедски односи“ со Бугарија, Македонија стана држава без суверенитет, која ќе изумре во следните 10-20 години и ќе биде поделена помеѓу Бугарија и Албанија или Грција и Србија. Јазикот беше прв на удар, а и последниот удар ќе биде врз него.
Тој сега е наводно признаен, за да има за што да зборуваат нашите лингвисти на своите симпозиуми. Но само што ќе помине оваа бура, од фиоката ќе се извади законот за двојазичност. Тоа во Македонија ќе ги врати старите пропаганди, кога градовите и селата беа принудувани да зборуваат на јазик за кој дотогаш не ни слушнале, а во секој случај не го разбираа.
Државата е нападната, но треба мирољубиво да се брани
Државата е нападната и загрозена, но треба да се брани. Вие поминавте низ тоа, но нашата ситуација е поинаква. Отпорот што полека се формира во Македонија мора да биде мирољубив. За тоа ни е потребна поддршката од пријателите, а пред сѐ од познатите интелектуалци од целиот свет – една таква петиција само што беше потпишана – од Европа, од државите што настанаа со распадот на Југославија, но и од сите други соседи, вклучувајќи ги и Бугарија и Грција. Досегашните реакции покажуваат дека секој плаче на својот гроб и дека на повеќето Македонија им е непозната и далечна, а можеби и малку важна. Забелешките како „не ви е лошо новото име“ се доволно иронични. Но не треба да се мисли само на Македонија. На испит се основните човекови вредности.
Во прашање е геноцид, културен геноцид. Во романот што прв ја доби Букеровата награда („За нешто да се одговара“, Перси Хауард Њуби) еден унгарски Евреин му раскажува на Англичанец, дека тој и неговите сонародници се изложувале на смртна опасност, слушајќи го забранетиот Би-би-си во 1942 година во Будимпешта, барајќи спас, па го прашува: „Зошто вашата влада не нѐ предупреди дека се качуваме во тие возови (на смртта) кога веќе знаела за нив?“. Зад тоа мрачно прашање, стои убедувањето дека, покрај Хитлер, и некои други народи сакале да се ослободат од Евреите, вклучувајќи ги и Англичаните. Неговите зборови „сакате ли да ви го заборавам тоа“, се актуелни и денес.
Геноцидни постапки не извршуваат само фашистичките и сталинистичките влади, нив ги извршуваат и нормалните демократски влади. Во овој момент и Македонците може да кажат „зошто нѐ ставате во тие исти вагони, зарем сакате тоа да го премолчиме, и да ве пуштиме мирно да спиете?“. Хрватска се избори, како и целиот нормален свет, за национална држава и за свој јазик, а Македонија ги загуби на зелената маса, менувајќи го Уставот прво по желба на Албанците, а сега и на Грците.
Грчкиот парламент дополнително треба да одлучи дали „договорот“, со кој ни е одземено сѐ, воопшто вреди, или и тоа им е малку. Ако е на сила, законот на силата, ако е во прашање окупација (или укопација, како што би кажал Кочиќ,), тогаш зошто не се каже тоа отворено? А инаку е јасно зошто. Не се кажува, затоа што тоа не е легално, бидејќи нема правна основа, и многу е позгодно во таков случај жртвата сама на себе да си го стави јажето околу врат.
Целиот текст во Нова Македонија