13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

ВМРО-ДПМНЕ: На пратениците им се понудени еден, два милиони евра за да гласаат за уставни измени

Тргнете ги рацете од волјата на народот и оставете ги пратениците слободно да одлучуваат, му порача генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, на премиерот Зоран Заев по денешната драма со доцнењето на седницата за уставни измени. „Ова не е европската Македонија за која се боревте.“

Јанушев го обвини Заев дека врши насилство врз македонскиот народ и порача дека тоа ќе се врати како бумеранг.

„Денес се случува вистинска драма. Структури на власта, и структури што одработуваат за оваа власт вршат жестоки уцени, закани и притисоци врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Подобра Македонија.

Собранието на Република Македонија се претвори во пазар, и арена на притисоци, закани и уцени.

Денес добива совршена смисла сето она што се случуваше во изминатата година и пол. Во Македонија се апсат луѓе заради политички прогон, а денес се пробува да се тргува со нивната слобода. За возврат се бара поддршка на уставните измени произлезени од договорот со Грција.

Се ветуваат парични награди за послушните, а доколку не се прифати, се местат сведоци, се креираат случаи. Се врши влијание врз блиски роднини на пратениците, се врши заплашување. Политичкото обвинителство да обвинува, политизираното судство да суди, а Заев да договара, товари или ослободува луѓе“, рече Јанушев и го повика ОЈО да преземат мерки затоа што се вршат притисоци врз пратениците.

Јанушев даде примери дека на еден пратеник му биле понудени 1 милион евра, кои тој ги одбил, на друг пратеник му биле понудени 2 милиони, на трет 250.000 евра, и им се заблагодари на пратениците, зашто „сето ова е одбиено бидејќи достоинството нема цена, се работи за нашата татковина“.

„Дополнително се активираат полициски структури, структури на безбедносните служби, а околината на самото Собрание е под опсада на ликови со бричени глави кои се познати на подземјето.

Господине Заев има ли алал во ова?

Дали сте свесен господине Заев што правите и во каков амбис ја водите државата?

Тргнете ги рацете од волјата на народот и оставете пратениците слободно да одлучуваат.

Никаде во светот нема киднапирано Собрание и расправа која ќе се закаже сè додека се постигне потребното мнозинство за кое власта решила дека мора да се постигне. Ова е невиден преседан.

Ова што Заев денес го нарекува обиди за создавање на мнозинство, во реалноста е насилство, насилство токму врз македонскиот народ.“, рече Јанушев.

поврзани објави

Последни објави