11.8 C
Skopje
Sunday, April 14, 2024
Платено политичко рекламирање

Дали нам животот ни е казна, а смртта спас од бедноста

Ме интересира па затоа прашувам , и барам искрен одговор, праведен , и не многу сложен за да разберам онака најпросто јас и сите други кои се во истата дилема како мене.

Ќе собере ли некој сила, храброст, па ќе застане пред напатениот ми , мој народ, пред мене не барам да застане, бидејќи сеуште не сум она кое сакам да сум.

Ќе биде ли некој јуначиште како Кузман Капидан, за кого и непријателот со восхит зборувал, ќе се појави ли мажиште меѓу мажулињата, или ќе треба жена да крикне, да викне, да плаче, моли, кука.

Јас Неда, Велика, сеуште ги гледам живи преку моите македонки, кои не се откажуваат.

Па се прашувам чисто онака, ме интересира, колку вреди живот на еден млад човек? Да знам, ако некогаш нешто ми се случи колку ќе ме проценат мене, и мојот живот дека вредиме.

Колку ми вреди времето, трудот, зборовите, мојата мака, мојата љубов, животот мој кој сеуште е во процес на градење, колку е сигурна скалата по која јас се искачувам, колку се добро изградени мостовите по кои чекорам, колку е сигурен асфалтот.

Колку ме штити мојот народ, а колку нему му возвраќам.

Знаете, лошо е кога ќе почнете да се чувствувате како сирак во место во кое сте родени. Знаете жално е кога гледате како еден по еден живот згаснува, како по изгубените се губат сите траги, како по долго , долго се пронајдени, но не тие, туку нивните коски, и тоа не целосни, изгниени, и го нема веселото лице, туку скапаниот череп, со пробиена челна коска, знаете ги нема тенките и нежни прстчиња туку само коска се влечка по калливото земјиште. И дали телото заслужува да гние во некоја си дупка, и мирисот на кој мирисаш цел живот, мирисот по кој те препознаваат да се измеша со смрдеата, со земјата, и дождот да ти ја мие крвта во која се имаш преплавено.

Земјо, народе, до кога ќе се голтаме, до кога гробови ќе си копаме, риеме, и на крај самите се закопаме.

Знаете , ме растажува секоја разделба, секое збогум, се кое заминува и повторно не се враќа. Плачам од внатре, ги прегризувам устите, ги кршам прстите, се потат дланките, и во злото ја бараш добрината. И не тоа само јас, туку секој свесен човек, секој кој се плаши за утрешниот ден, секој кој трепери при најмал звук.

Знаете почнав да се плашам од местото во кое сум родена, од луѓето кои секојдневно ги среќавам. Ќе ми каже ли некој зошто е тоа така, па ќе ја смири бурата во мене, и ќе ми обезбеди мирен сон. Знаете ми здодеа од сите лоши вести, од црната хроника.

Почнав да жалам , да жалам за секој изгубен живот, за секоја мајка која веќе никогаш нема да си го види чедото. Се освестуваме дури кога некого загубиме за вистинската вредност. Па вака, животот нема цена, не може ниту да се плати, за да некој ни се врати, ниту постои казна која живот враќа. Ако грешам, нека изгорам.

И знам дека секогаш е истата песна, жалиме, жалиме, стануваме едно, а потоа пак се забораваме и молчиме пред законот, пред се , пред сите кои се над нас.

Но со што се тие над нас?

Моќта им е во парите, но што да правиме ние кои немаме таква моќ? Дали нам животот ни е казна, а смртта спас од бедноста.

Стоп, доста беше, уста имаме, јазик немаме, е доста, навистина треба да се стави крај, една голема точка, и секој да го пронајде своето место под оваа небо, под ова сонце.

Пишува: Ана Љубиќ

поврзани објави

- Advertisement -

Последни објави