Преживеавме една Шарена револуција – време е за шарен Парламент.
„Сите се исти“- вика граѓанството од немоќ, а тоа најдобро го објасни кандидатот на Граѓанско Демократската Унија за градоначалник на Охрид, колоритниот Михаил Трендафилов-Нанче: „Едните крадет, другите лажет, а сите заедно се амнестирет“. Има вистина во муабетот, колку и истиот да влегува во водите на политичката сатира.
Црно-белата боја на македонскиот парламент „убива“ со својата предвидливост. Имаме два големи играчи (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ) и еден буљук помали партии, што во зависност од понудата на поголемите го менуваат таборот од едни до други избори. А на избори се изнагледавме во последните десетина години. Тука се разбира се и партиите на етничките Албанци, но со таа разлика што барем кај нив се гледа одредено шаренило, барем во смисла на урнатиот монопол на ДУИ и ДПА како неприкосновени претставници на нашите сограѓани со кои никако да се договориме ќе живееме заедно или само ќе млатиме слама за некаков само што не дошол (со)живот. Партиите Алијанса на Албанците и БЕСА (и покрај поделбата во движењето на тетовско и скопско крило) покажаа дека трпението на граѓаните кон монотонијата на едните и исти играчи без разлика на нивната „различна“ реторика завршува.
Созреани ли се македонските граѓани да преземат одговорност, за тоа кој треба да ги претставува во македонскиот законодавен дом? Ако одговорот е ДА, тогаш решението постои. Промената на изборниот модел, а имено нашата земја да стане една изборна единица и кандидатските листи за пратеници да бидат отворени и граѓаните да имаат шанса сами да одберат кој да ги претставува нивните интереси е веќе отворена тема и се надевам дека нема да се затвори како многу други што биле заметени под тепихот на македонската стварност.
Доколку македонската јавност е готова да се бори и работи за промена на црно-белиот модел на сегашните гиганти од лево и десно, тогаш нека го крене својот глас. Оти шаренило ни е потребно. Шаренило не од бои на партиски обележја, туку шаренило од идеи. Ако во „кошерот“ на македонската демократија (таква каква што ја трпиме веќе без некој месец 28 г.) влезат повеќе партии и личности со интегритет, коишто не се зависни од тоа да се „шитнат“ за две-три советнички места во Влада или неколку директорски места на јавни претпријатија, едно е сигурно, работите ќе се променат, „сложните калуѓери“ многу потешко ќе успеат да го договорат мрсењето во петок, а тоа е добар почеток верувајте.
На македонската политичка сцена има доволно партии со цврсти идеологии и идеи за тоа како нашата земја да стане подобро место за живеење. Токму тие партии се трн во очите на големите играчи СДСМ и ДПМНЕ, коишто заедно со вечниот партнер ДУИ имаат најголем интерес од зачувувањето на моменталната состојба на работите. Едноставно е, ако во парламентот влезат партии со различна од тендерската идеологија на „големите“, тогаш работите ептен ќе се испомешаат, а може и да замириса.
Моменталната политичка квазиелита во Македонија има осетлив нос. Ако нешто не мириса на договор „ти на мене сега, јас на тебе утре“, тоа веднаш се фрла за перење или пак се „гори ритуално“ како забранета литература од времето на Томас де Торквемада.
Си патиме баш од тоа, од осетливиот нос на големите партии создадени за и да бидат дел од проблемот со тапкањето на Македонија во место. Патиме, ама никако да се осмелиме да им ги испомешаме сметките бидејќи сме зависни. Не претворија во зависници, кои мораат својот страв дека ќе го изгубат работното место да го победуваат со организирани возења со автобуси по митинзи. Срамно е нели, ама излезот и да ти е пред нос, ако си заслепен од страв нема како да го видиш.
За крај чисто онака сакам да ви поставам едно прашање:
Со што партии како Либералната на Ивон Величковски, Народната на Љубчо и ете конзервативната ГДУ на младиот Петар Колев се по недостојни од десетиците други партии со по тројца членови што се „шлепаат“ заедно со СДСМ и ДПМНЕ за да бидат ваши претставници во македонскиот дом на демократијата?
Можеби се плашите дека на сцена ќе се појави некој нов Крсто Мукоски? Па токму тој е плод на тој црно-бел систем кој ни го наметнаа горенаведениве партии мастодонти.
„Сите се исти“, ама некои со кирби не можеш да ги исчистиш од стариот македонски тепих и токму тоа е потребата шаренилото од идеи и решенија реално да завладее во македонската политика инаку ќе продолжиме да го ебаваме ежот, колку и тоа да е болно за нашите гениталии, со кои онака гордо се фалиме на лево и на десно.
Автор: Атанас Величков