Бев во врска цели четири години. Со дечкото бевме неразделни, денот го започнувавме со утринска прегратка и кафе, а го завршувавме со мисла дека тој ден сме имале некого кој се сака и поддржува во секој момент од животот. Го запознав во парк. Го шеташе своето кученце, беше сам и замислен. Му пријдов за да му побарам запалка. Тогаш почна нашата приказна. Веќе бевме седнати повеќе од час време уживајќи во цигарата, зборувајќи за нашите животи како да се знаеме цел живот. Тој час ми помина како неколку секунди. Си оставивме бројчиња и си заминавме.
Поминаа 24 часа од тогаш, а мене нешто од внатре како да ми велеше: Побарај го. Го побарав. Му се претставив која сум, иако тој веќе знаеше бидејќи на самото јавување ми рече: Еј Сара, ме изненади, многу пријатно изненадување. Тогаш знаев дека го очекувал мојот повик. На неговите зборови возвратив со: Па да, знаеш, ми годеше разговорот во парк, мислам дека треба да продолжиме да се дружиме.
За неполн час по завршувањето на телефонскиот разговор се наоѓавме во парк во моето маало. Дојде повторно со неговото мало кученце Арон. Тоа беше пријатно кученце кое се однесуваше исто како и неговиот сопственик – како да ме знае цел живот. Си играше со мене, сакаше да се гали и не пружаше никаков отпор кога и да сакав да го бакнам.
Зборувавме многу. Зборувавме за неговите цели во животот, за моите цели во животот, за нашето минато, но и за нашата сегашност. Така зборувајќи, тој во еден момент ја стави неговата рака врз мојата и ми рече: Ти си прекрасна личност, многу ми е драго што те запознав. Тој момент придонесе во мене нешто да се разбуди. Скокнав како претходно никој да не ми ја допрел раката. Се изненадив самата себеси од мојата реакција. Ме праша дали сум добро. Му реков ДА, добро сум. Т.е не сум добро. Никогаш подобро не сум се чувствувала. Седнав повторно, го погледнав во очи, ја ставив мојата рака врз неговата и молчев. Се гледавме неколку секунди, а потоа, потоа дојде најубавото чувство кое го имам почувствувано во животот. Тоа беше неговиот бакнеж, неговата врела уста. Се бакнувавме како мали дечиња, не обрнувајќи внимание на минувачите, кои се редеа во се поголем број.
Од тогаш поминаа четири години. Четири години во кои живеев заљубена, во кои го сакав, во кои споделувавме се во животот. После четири години морав да заминам со моето семејство во Хрватска. Татко ми и мајка ми најдоа добра работа, а моето братче го запишаа на училиште. Првите шест месеци разделба беа најтешките месеци во мојот живот. Се будев и заспивав со мислата за него. Плачев, сонував да биде до мене.
Комуницираме и денес, но страв ми е да не останам сама. Страв ми е да не ме напушти. Страв ми е дека нема да ме чека. А ќе ме чека ли? Се надевам ДА! Ако ме сакал, ќе ме чека.