17.8 C
Skopje
Tuesday, November 5, 2024

НСДП: Дефакторизиран фактор

„Човекот кој повеќе од 10 години е фактор број еден во Македонија, владеејќи неприкосновено и без ничија контрола, откако ја загуби власта и моќта почна да говори за дефакторизација на државата и нацијата. Истиот тој човек, со долгогодишното владеење практично го смени културниот код на Македонецот и до крајни граници го проблематизира неговиот идентитет, политиката ја контаминира со лажни вредности, примитивизам и неморал, притоа и со агресивна медиумска пропаганда масовно ги переше мозоците на најсиромашните луѓе во Европа.

Тој и тие околу него, скроија образовен систем кој продуцира медиокритети и луѓе лојални на власта, како врвна човечка доблест. Од Македонците направи една трагична и изгубена нација, неспособна самата да ја препознае својата иднина. Непотизмот, корупцијата, клептоманијата и клиентилизмот ги наметна како врвни вредности на македонското општество и основни претпоставки за останување на власт.

Со преродбата и проектот за создавање на полтрони, подлизурковци и слепи послушници, практично го означи почетокот на најголемата измама, која трае и до ден денеше. Политиката ја разбираше и практикуваше типично Гебеловски, како уметност, а уметноста како политика, при што под уметност се подразбира вештина на измама и создавање лажни слики на реалноста.

Не можејќи да ја замисли Македонија без него на чело, очајнички се обидува да ги убеди граѓаните дека токму тој е нашата иднина. Секое друго решение, освен негово останување на власт, ќе биде најголемо македонско предавство кое ќе води кон распад на државата, а тој тоа нема да го дозволи.

Според Фројд, почетокот на лудилото е кога некој ќе го напушти срамот. Па дали тој човек има барем малку срам?“, се вели во соопштението на НСДП.

поврзани објави

Последни објави