Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва на својот профил на Фејсбук излезе со директна понуда до лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Ако албанските партии ја донесат СДСМ на власт, ние сме подготвени да ја поддржуваме како малцинска влада со нашите пратеници доколку се откаже од законот за јазиците, платформата од Тирана и редефинирањето и урнисувањето на државата. Ако толку по секоја цена сака Заев да биде премиер, нека не удира по државните и националните интереси.
Нека ја спроведува програмата од изборите без редефинирањето. Нека удри и по нас, ама не по државата и нејзините темели. Еве јас доброволно ќе прифатам ако тоа му е услов на Заев да ме уапсат, затворат и малтретираат, а ВМРО-ДПМНЕ да го поддржува како малцинска влада колку време сака до наредните избори кои заедно би ги договориле, нека удри по мене, само нека се откаже од удирање по темелите на државата заради желбата да е на власт. Ова нека го сфати како јавна понуда“, вели Груевски.
На крајот, додава тој, во Македонија освен партии има и народ, во кој лично тој верува дека не се согласува со ваквото сценарио.