Зоран Заев вчера му достави 67 потписи на претседателот Ѓорге Иванов, кој сега треба да му го додели мандатот на претседателот на СДСМ, за составување на Влада на РМ. Токму за денес, најдоцна утре беше најавено дека Заев ќе го добие мандатот од Иванов.
„Во рака држам 67 потписи на пратеници од македонското Собрание, кои гарантираат можност за нова Влада за граѓаните на Македонија. Истовремено, овие потписи овозможуваат да заврши кризата во Република Македонија и конечно државата да се придвижи напред. Очекувам господинот Иванов да го врачи мандатот во најбрзо можно време, за да може да отпочнеме преговори за создавање и формирање нова влада. Истовремено ја користам можноста да испратам порака до сите граѓани, но и до институциите на државата, дека следува мирен и брз трансфер на власта во Република Македонија“, изјави вчера лидерот на СДСМ.
Од друга страна, Иванов има притисок да не го даде мандатот, откако вчера имаше протест за како што велат протестантите „спас за продажба на Македонија“. Протест е најавен и за денес во 17 часот.