Тимот на Шкендија се наоѓа на чекор до финалето во Купот на Македонија, откако во првиот полуфинален дуел го совладаа Вардар на „Телеком арената“ со 1:3.
Пред само неколку денови во натпревар од Прва лига, Вардар го надигра тимот од Тетово и го победи со 3:1, но избраниците на Брдариќ денес го поправија изданието, беа многу подобри на теренот и сосема заслужено дојдоа до победата.
Првиот гол на средбата го постигна Бесарт Ибраими од слободен удар, вистинско ремек-дело од околу 30 метри. Пред одморот, од белата точка Ибраими го зголеми резултатот на 0:2.
Во вториот дел судијата Мечкаровски покажа на белата точка и за домаќинот, а сигурен реализатор беше Фелипе. Во една супер изведена контра во 75. минута од средбата, Хасани ги постави конечните 1:3.
Реванш средбата помеѓу Шкендија и Вардар е закажана за 19. април во Тетово. Во второто полуфинале играат Пелистер и Брегалница.