13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

ИНТЕРВЈУ СТЕФАН АНДОНОВСКИ, Меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ: Македонија да престане да преговара од позиција на „поразен“

Разговараме со Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ

ПОГЛЕД: Г. Андоновски, во екот сме можеби и на најкритичната недела од почетокот на руската инвација врз Украина. Како македонско општество се поделивме и на оваа тема. Имаме русофили кои за среќа се ретки, но сепак го поддржуваат Путин и Русија во оваа таканаречена „специјална воена операција“ и имаме луѓе кои јасно и гласно застануваат против она што се случува во Украина. Има ли руско влијание во Македонија кое се обидува да ги поткопа нашите евроатлански заложби и ориентирање кон Западот?

Многу е тажно кога Претседателот на сите граѓани на Македонија е биде оној кој ја започнува таа поделба на граѓаните. Инаку мислам дека македонските граѓани се многу самосвесни – тие преку поддршката за едни или други всушност бараат начин да ги одбранат македонските национални интереси. Едноставно тие не се ниту про-руски, ниту про-источни, ниту про-западни – напротив про-македонски. Разочараноста од Владата и нејзините политики на домашен и меѓународен план, ги прави граѓаните силно раздразнети кон сѐ што таа влада нуди. Инаку, како членка на НАТО, во која поддршката за Алијансата е силна кај граѓаните, нашата ориентација е неспорна. Нашето место е токму таму – во ЕУ и НАТО.

Воената инвазија на Русија кон независна и суверена Украина е неочекуван цивилизациски пораз за 21виот век. Во време во кое на европско тло треба да се натпреваруваме во вештачка интелигенција, роботика, заштита на животна средина, зелена економија и паметни градови – дискусијата за хаубици, боеви глави и стотици илјади умрени и раселени цивили – траорно нѐ враќа кон минатиот век. И тоа е за секаква осуда. Како што зборувавме уште од пред инвазијата, територијалниот суверенитет и независноста на секоја држава-членка на ОН е неприкосновен фундамент на меѓународното право. Кршењето на тој суверенитет мора да биде осудено.

Како мал народ далеку од воените боишта, ние треба внимателно да анализираме и паметно да се позиционираме. Неуката воинственост на некои функционери од власта е штетна кога таа не се базира на подготвеност на ресурсите. И тоа е очигледно. Ние мораме да мислиме на сопствените македонски интереси, затоа што ако ние не го правиме тоа, никој нема да се загрижи за нас. При вклучувањето кон санкциите од страна на ЕУ, македонската влада требаше паралелно да ги решава проблемите со кои неминовно ќе се соочат земјоделците, претставниците на фармацевтскиот сектор и граѓаните кои директно ќе го почувствуваат силниот удар.

ПОГЛЕД: Како меѓународен секретар на една од најголемите македонски политички партии, кое е вашето мислење – заборави ли Европа на Украина во овој случај и дали можеби беа потребни посуштински разговори на маса за да се избегне еден ваков конфликт во 21 век?

Долги разговори се во секој случај подобри и од најкусата војна. А оваа војна веќе влегува во вториот месец, со илјадници жртви и милиони бегалци како резултат. И на крајот, секако сѐ ќе заврши на „зелена маса“. Тешкото прашање е колку недолжни жртви ќе треба да „изброиме“ додека се стигне до таа маса.

Мое мислење е дека мешавината на лековерност и недостатокот на воедначен став на европските лидери, уште еднаш ѝ наштети на Европската унија и нејзиниот имиџ во пошироките гео-стратешки позиционирања. Добро е што европските лидери веднаш по инвазијата излегоа со силен и униформен став за санкции кон Москва. Ако постоеше ваков цврст и неприкосновен став и за други горливи прашања во врска со оваа криза, мислам дека ќе се избегнеше ескалација на состојбата. Гледајќи кон иднината, треба како Европа уште еднаш да ја учиме лекцијата на квалитетна, отворена, искрена и посветена дипломатија која ги решава конфликтите, а не се „крие“ зад т.н. принцип на консензус.

ПОГЛЕД: Имаме голем проблем со Бугарија, практично сме блокирани. Како гледате Вие на тој процес? Да би имале власт, како Вие би го решавале тој проблем?

Во моментот ние преговараме со Бугарија од позиција на декласиран противник – поразена страна. Затоа, бугарските барања постојано се менуваат и прошируваат. Пред неколку години (па и по Договорот за добрососедство од 2017) апсолутно никој во Бугарија не бараше промена на македонскиот Устав. Денес тоа станува conditio sine qua non во преговорите, иако претставува директно мешање во домашните македонски работи. Ние мораме да започнеме да победуваме прво на домашен терен, и да не преговараме од позиција на поразен. Не може Бугарија да добива сѐ (дури и она што не го барала), а ние да изгубиме сѐ. Затоа е важен концептот на реципроцитет кој го нудиме. Доколку ние преговараме за почитување на малото бугарско малцинство во Македонија, зошто да не преговараме за имплементација на пресудите на Судот за човекови права од Стразбур во Бугарија, кои се однесуваат на признавање на здруженијата на Македонците, на политичките партии и основните човекови права кои се препознаени од Советот на Европа.

Зошто да не дискутираме дека Бугарија мора да ја напушти сопствената Декларација со која иредентистички го негира македонскиот народ, ако истата сака да не биде споредувана со негаторскиот однос на Русија кон Украина. Впрочем, во Софија сѐ уште на сила е ставот од нивната парламентарна Декларација дека Македонците се политички производ на Коминтерната и Тито.

Во таа смисла, нашиот пат мора да биде комбинација на робусни домашни реформи на економијата, администрацијата, привлекувањето инвестиции и креирање позитивно деловно опкружување, добро владеење, владеење на право; но, од друга страна, и квалитетно лобирање за напуштање на анахроните идеи кај нашите бугарски колеги.

ПОГЛЕД: Ако имавме/ме албанци функционери кои во минатото беа дел од организација која со пушка тргна против оваа држава и ако денес со истите, македонските политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го делат владиниот колач, ако денес имаме двојазични униформи, вработувања по Рамковен итн итн, тогаш зошто би било проблем Бугарите да се имплементираат во Уставот на Македонија? Што тоа би променило во реалноста?

Многу од работите кои ги споменувате во прашањето биле работи против кои сме се бореле. И генерално, преамбулата на Уставот и во овој облик, е нестандардна, хибридна и не доликува на европските преамбули, особено со насилните промени на Уставот од 2019 година.

Сепак да „дупнеме“ еден балон кој се создава. Бугарите (а и сите граѓани) ги имаат истите права во македонскиот Устав, независно дали се споменати во преамбулата или не. Доколку ја исполнува бројката од 20%, било која заедница (спомената или не во преамбулата) има јазични права во својата општина или на национално ниво, има права на користење на националното знаме, културни права, итн. И во ова Македонија е европски првак во либералните права гарантирани од Уставот. Допишувањето на македонските Бугари не би имало никаков суштински и опиплив ефект во подобрување на нивните права.

Но, доколку ова барање доаѓаше од македонски граѓани – Бугари, тоа не би претставувало проблем за дискусија. Сепак, ова е ново барање од властите во Бугарија. Ова прашање е поново е дури и од барањето за лет Скопје-Софија. Кој може да гарантира дека ова ќе биде последното нелогично барање на бугарската Влада без да даде зелено светло за преговори. Но и без тоа, ова прашање претставува класично мешање во внатрешните работи на Македонија. И тоа без никаков осет дека и од бугарска страна треба да се постапи на начин кој го објаснив малку порано. Ајде да зборуваме за реципроцитет! Да ги примениме европските пресуди на Судот од Стразбур и да зборуваме за меѓусебна доверба а не за уцени.

ПОГЛЕД: Во целава оваа каша и постојано нагласување на теми чиј епилог не зависи од нас, заборавивме на студентите и здравството. ВМРО-ДПМНЕ владееше 11 години и ние, вклучително и јас, живеевме во катастрофални услови во студентските домови. СДСМ ветуваше промени, но тие не дојдоа односно студентите уште го чекаат ветуваниот студентски град и модернизација и реконструкција на постоечките студентски домови. До кога Вие политичарите ќе сакате да зборувате за реалните проблеми само во време на опозиција и како ова ново раководство на ВМРО-ДПМНЕ гледа на тој горлив и суштински проблем?

Мислам дека здравството е во клиничка смрт, но не се чувствувам доволно компетентен да го коментирам.

Што се однесува до образованието и условите за учење – тие се катастрофални. И меѓународните тестирања и ранкинзи тоа го покажуваат, но и сите ние го чувствуваме секојдневно. Историско дно на Шангајската листа, слаби резултати на ПИСА тестирањата, празни средни стручни училишта, разурнати студентски домови, 0 вложувања во наука, 0 во стручни трудови и светска литература… и она што е најстрашно – сомнежи за сериозен криминал и корупција во образовните институции, особено оние како Државниот испитен центар, кои ги води СДСМ.

За потсетување, во 10те години управување со државата на ВМРО-ДПМНЕ, се намалија за 50% партиципациите на факултетите, се отворија универзитетите во Штип, Охрид и вториот во Скопје, се воведе бесплатен ученички и студентски превоз, се реновираа дел од студентските домови, се изградија 150 спортски сали и тениски терени каде денес тренираат илјадници млади, се започна изградба на нови згради на УКИМ… дали беше доволно – секако дека не. Но, 5 години од тогаш имаме само уназадување. Јас искрено не можам да се сетам на ниту еден ваков проект на СДСМ. Буквално ниту еден.

Како еден од оние кои ги виделе и ги следат светските научни и образовни текови, можам да се заложам за сериозни промени. Нам ни е потребна Државна стратегија за Шангај, Државна стратегија за меѓународни тестирања и Стратегија за млади лекари и студенти по медицина. Првата, на сеопфатен начин ќе работи на тоа макар еден универзитет да биде дел од најдобрите 300 на Шангајската листа. Тоа е можно и остварливо во еден четиригодишен мандат. Втората стратегија ќе се однесува на основното и средното образование, кое треба да произведува кадри за иднината, а не да биде школа на препишувачи од минатото. И третата, треба да ги финансира, поддржува, вработи и задржи во Македонија нашите лекари, медицински сестри и персонал. И на тоа да ја надоврземе имплементацијата и надградбата на Стратегијата за спречување на иселувањето. Ако сите застанеме зад овие три стратегии и ја имплементираме четвртата која е во застој, ние ќе успееме да изградиме посветла образовна, и генерално национална, иднина.

ПОГЛЕД: Добивме волја од Борел. Што им кажувате на вашите партнери од Брисел и западот на овие долгогодишни ветувања дека сме на прагот од Европската Унија, кога се чини дека всушност сме далеку од тој праг и дека прашање е и дали воопшто таа врата може да ни биде отворена? Треба ли да се промени стратегијата на државата по однос на прашањето за влез во ЕУ?

Нашите западни партнери ги следат анкетите на јавното мислење на македонските граѓани, кои покажуваат драматичен пад на вербата на граѓаните дека Македонија ќе стане членка на ЕУ, и дека ЕУ е најсилниот партнер на Македонија.

Македонија во моментот не е ништо понапред на европскиот пат, споредено со 2012тата година. Јасна е нашата порака – преговори без уцени веднаш! Тоа е најмалку што можат европските партнери да направат за еден мал народ кој неколку пати во својата историја застана на браникот на Европа. Во 1999, Македонија прими 200 илјади бегалци од косовската војна – што претставуваше повеќе од 10% од вкупното население. Без поголеми проблеми, убиства и потреси се справивме со тој европски цивилизациски проблем. Во 2015, Македонија ја бранеше Европа од Европа. Имено, низ територијата на државата поминаа десетици илјади мигранти кои нерегистрирано влегуваа од територијата на нашиот јужен сосед. Со сеопфатна акција на македонските безбедносни сили, успеавме тој бран да го регистрираме, воведеме во систем и адекватно испратиме понатаму.

Што се однесува до стратегијата на државата – во моментов таа има профил на единичар кој на 10ти јуни моли за преодна оценка за да не оди на полагање. Од тоа молење, сите оние кои не ѝ мислат добро на Македонија можат само да добијат. А ќе изгубат граѓаните. Затоа е потребна промена на парадигмата. Само со силни економски реформи дома, подигнување на животниот стандард и БДП, борба со сиромаштијата, невработеноста и иселувањето, и вистинска борба со корупцијата наместо лажни заложби, можеме да станеме атрактивен партнер за Европската унија. Доколку во Македонија дојдат стотина германски, холандски, белгиски и француски компании, тие ќе го вршат лобирањето за нас во европските метрополи. Успехот во трговијата и економијата ќе биде моторот на нашите евроинтеграции.

ПОГЛЕД: Кој според Вас е најблискиот наш сосед во македонската историја и зошто?

Без да сакам да ја воведам дискусијата во патетизирање и виктимизација на македонскиот народ, реално гледано – соседите, во различни периоди, покажувале дека немаат искрен однос кон македонскиот народ и државата воопшто. Негативни примери има многу, додека позитивни можеме да видиме во поновата македонска историја од Бугарија и Србија. Првите, во времето на економското ембарго беа оние кои ги отворија границите за увоз и извоз, а Бугарија беше и првата земја која ја призна независноста на Македонија. Србија, во последните години се појавува како пријателска држава во однос на помошта околу справувањето со Ковид пандемијата и недостатокот на вакцини. Сепак, овие неколку светли примери, не можат доволно да ја разубават сликата која македонскиот народ си ја има врежано – дека соседите повеќе нѐ гледаат како проблем отколку како пријател.

поврзани објави

Последни објави