32.8 C
Skopje
Tuesday, July 16, 2024

Мицкоски: Скапа е цената која Македонците ја платија за својата слобода – ако не си ги почитуваме нашите предци, минатото и историјата тогаш не можеме да одиме напред!

Денес го празнуваме почетокот на организираниот отпор на македонскиот народ кој потоа низ една жестока битка на страдања, жртви и откажувања ни ја донесе слободата која ние денес ја живееме, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор по повод денешниот празник.

23 Октомври е Денот на македонската револуционерна борба која го означува почетокот на една од речиси најдраматичните борби за слобода водена во овие простори на Европа, проткаена со многу настани, светли и темни мигови, со многу епски настани и борби, со многу емоција на синовите и ќерките на нашиот народ кои се вградија во нашата слобода. 23 октомври е и почетокот на организацијата која се роди во Солун и 130 години е стожерот на Македонија. Кога прашуваат што е толку свето во тие идеи, зошто толку многу се поклонуваме пред овие настани, херои и паднати животи, тоа е затоа што во срцето на таквиот концепт секогаш била и секогаш е, и ќе продолжи да биде Македонија, рече тој.

Посочи дека организацијата ВМРО произлезе од столетниот порив на нашиот народ за држава и независност.

-И народот е организацијата, и организацијата е народот не само поради тоа што постои папочна врвка меѓу овие две работи туку и затоа што еве веќе 130 години тлее огнот кој се роди како природно ехо на стотиците и стотици години поминати во ропство и стотици и стотици години на самодокажување и борба за слобода низ едно тешко време. Шестмината револуционери интелектуалци: Дамјан Груев, д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев и Андон Димитров го почнаа делото, ја формираа организацијата на овој ден, но и илјадници други исто така толку големи како и овие оставија белег во борбата за слобода и беа дел од ВМРО. Токму ваквата бурна историја на востанија, буни, постојаниот немир против неправдите многу ги чинеше синовите и ќерките на организацијата кои оставаа семејства, се двоеја татковци од деца, мајки од своите чеда, за да ги положат животите за Македонија, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети дека Питу Гули кога загинал во нерамноправен бој на Мечкин Камен имал 38 години, а зад себе оставил 4 мали деца, Ташко, Никола, Стерјо и Фрлора.

-На само 31 година загинал Гоце Делчев кој е апостолот на нашето револуционерно дело. Животот на Христо Узунов згаснува на само 27 години оставајќи писмо за неговата мајка каде кажува дека „маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас, вели тој – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила”… Организацијата ВМРО е таа која ги обединувала ваквите наши титани на револуционерното дело од чија борба и самопрегор се оставале длабоки траги низ нашата историја, и во овој момент освен да си спомнуваме за ваквите дела тие го имаат и мојот поклон кон нивните животи посветени на Македонија. Треба да бидеме исклучително горди на нашето дело бидејќи нашата слобода, независно што велат и пропагираат нашите соседи, му припаѓа пред се на пожртвуваниот македонски народ кој даде пот, даде крв, даде животи за ова што денес го живееме. И иако сме можеби мал народ не треба да се заборави, гледајќи ги ваквите светли примери за кои говорам дека ние имаме херои кои платиле скапа цена, многу поскапа од многу други народи за нашата држава и независност. Нивните животи беа ставени пред олтарот на нашата слобода, голготата низ која одеа беше патеката пред која се поклонуваа и беа почитувани дури и од непријателите и поробителите против кои се бореа. Скапа е цената која Македонците ја платија за својата слобода и затоа сакаат многумина други да ја присвојат и да ја прикажат за своја, изјави Мицкоски.

„Ова можеме да го видиме и низ делото на Леонид Јанков раководител и војвода на Македонската револуционерна организација, учесник во Илинденското востание.

Откако дешифрирале едно писмо упатено од градското раководство до Леонид, војската на поробителот собрала 3000 луѓе и го опколиле просторот околу селото Ѓавато.

Се развила нерамноправна битка, во која Леонид со голема храброст заедно со неговата чета успеал да нанесе голема штета, и кога му останале само уште два куршума, со едниот го убил јузбашијата а со последниот сам се убил, не дозволувајќи жив да падне во рацете на непријателот. Леонид влегол во смрт, свесно и со мирна совест затоа што целта била поголема – слободата на Македонија.

Тој ден сите камбани во градот биеле и целиот град татнел од нивниот звук. Повеќе од 3000 души од градот Гевгелија и околните села биле собрани на неговиот закоп, кој се извршил во дворот на гробиштата на црквата Свети Спас. Легендата се создала, херојот му припаѓал на народот. Исто како и организацијата“ – порача тој.

Мицкоски истакна дека ова е само мал дел од историските настани врзани за организацијата која го одбележа слободарското движење на Македонците.

-И оваа организацијата ни припаѓа нам, исто колку и на секој друг Македонец. И навистина со мачнина гледам кога вакво една македонска историска драма од која речиси секој сосед сака да приграби малку, помалку срамежливо се одбележува овој ден од страна на официјалните власти. И тука не се работи за некоја голема промисленост или стратегија, туку ситнодушност која не им дозволува да видат дека ВМРО е на секој Македонец. Секако дека тоа нивно однесување не е репер, затоа што тие и од асномското партизанско движење се откажаа, но во историјата и за нашата нација важно е да се запази историскиот континуитет на нашата борба и лулката на организираната борба која несомнено произлезе од оваа организација. ВМРО секогаш обединувало, леви и десни, сиромашни и богати, интелектуалци, земјоделци, работници. Таа била поголема од секој поединечен интерес. Имала и добри, но и сурови водачи. Имала и братубиствени борби, но и големи херојски подвизи против поробителите. Таа и тогаш кога делувала жестоко имала за крајна цел слобода на Македонија. И денес никој нема право да става рака и да си присвојува делови од оваа организација прикажувајќи ја за исклучиво своја, особено не некој од соседите и особено некој одвнатре да фрла стигми и да развива стереотипи. Чувството кое сакаат денес да го наметнат на мал и обесхрабрен народ, на луѓе кои мора да молат за својата иднина е само сликата со која сакаат да го скршат нашиот непоколеблив дух кој победувал многу поголеми предизвици и се издигал над многу поголеми ужаси, рече тој.

Мицкоски испрати ваќна порака дека ако не си ги почитуваме нашите предци, нашето минато и историја тогаш не можеме да одиме напред.

„Ќе прашаат каде се хероите и паметниците на овој народ? На само 50 метри одовде е музејот Музејот на македонската борба за државност и самостојност-Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим кој оваа власт го преименува, но тој независно од името во себе ја носи пораката за Македонија и ова историско наследство. Таму меѓу тие ѕидови ќе ги најдете Ѓорче Петров, Гоце Делчев, Дамјан Груев, Александров и мнозина синови на оваа организација кои се историско наследство на нашиот народ. И наместо ова благо каде всушност се наоѓа на едно место духовниот и историски раст на нашиот народ, каде се наоѓа и Декларацијата за независност на Република Македонија да се развива и унапредува, оваа иста власт тотално го заборави, го маргинализира и си поигрува со она што е наследено за секој еден Македонец.

Ако не си ги почитуваме нашите предци, нашето минато и историја тогаш никако не можеме да одиме напред. Кога дојдоа на власт во таа колективна хипноза на уништување и прогон каде се колнеа во слоганот кој не само што не го спроведоа туку и самите си го испоганија, нема правда нема мир, воведоа едно колективно беснило и лудило на деструкција каде мораше да се избрише секоја трага на тоа управување, каде не велам дека немаше пропусти, но имаше премногу добри работи кои се направија и оставија и кои природно му припаѓаат на овој народ и на Македонија, порача Мицкоски.

поврзани објави

Последни објави