30.8 C
Skopje
Saturday, June 15, 2024

Колку точно пари СЕ ПОТРОШЕНИ на автопатот Кичево – Охрид?

Досега е потрошено цело богатство за автопатот Кичево – Охрид од 56,7 километри, финансирано од кинеската „Ексим Банка“. Новиот извештај за работата на ЈП „Државни патишта“ во 2022 кој по одобрение од Владата e објавen деновиве, покажува дека до крајот на минатата година веќе биле потрошени околу 450 милиони евра.

„Вкупно реализирано 447.383.985 евра (заклучно со 62-та ситуација), што изнесува 66 отсто во однос на 598.074.670 евра“, запишано е во отчетот на јавното претпријатие.

До 1 јули за оваа година за реализација на автопатската делница Кичево – Охрид финансирана од кинеската Ексим Банка потрошени се 1,006 милијарди денари, или само 16,36 милиони евра, стои дополнително во полугодишниот извештај на ЈПДП за првата половина од 2023. Ако се сумира вкупно, реализацијата се движи кон 500 милиони евра, а до крајот на годината треба да биде појасно дали работата ќе продолжи со истиот изведувач и финансиери.

Владата ќе ја чека ревизијата на експертите од Меѓународната федерација на инженери консултанти , која се очекува да покаже во која насока треба да продолжи изградбата на автопатот Потоа ќе се знае дали Синохидро ќе го напушти градилиштето или пратениците по четврти пат ќе го продолжат договорт со кинеската компанија кој завршува на крајот од годината. Ќе биде ангажиран и ФИДИК експерт кој ќе даде мислење во кој правец треба да продолжи државата за завршување на овој проект.

„Државни патишта“ во отчетот за проблемите што се евидентирани низ текот на минатата година забележува дека се проектирани вкупно 67 нови косини со дополнителни експропријации. Имало нови проекти за осум девијации, нов проект за одлагалиште, вонпарнични постапки за експропријација пред судовите во Кичево и Охрид и апелационите во Гостивар и Битола.

Само минатата година биле потрошени 2.9 милијарди денари со странскиот кредит од Ексим Банка за Кичево – Охрид. Тоа во евра се 47,6 милиони потрошени во 2022. Според тоа, може да се каже дека имало подобра динамика на работа, затоа што потрошената сума е за 268 проценти поголема од една година претходно.

До крајот на 2022 кон кредиторот биле вратени вкупно само 77,65 милиони долари од долгот, но треба да се знае дека отплатата, според договорот, започна во 2019. Договорот беше потпишан во ноември 2013, а изградбата започна во мај 2014. Околу 90 отсто од парите за проектот треба да се обезбедени со заем од Ексим Банка, а 10 отсто треба да исплати „Државни патишта“.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вчера рече дека компанијата има се уште рок за работа до 31 декември. Наведе дека „Синохидро“ во изминатиот период биле во координирана комуникација со Министерството, Јавното претпријатие за државни патишта и со сите подизведувачи „во насока на решавање и расчистување на сите прашања, коишто се отварале во текот на изградбата“.

поврзани објави

Последни објави