Во однос на најавите дека доколку ВМРО-ДПМНЕ не гласа за техничката влада нема да има нивни министри и дали коалицијата е подготвена да го истера целиот мандат на техничката влада без министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Ковачевски рече дека до недела има доволно време и повика сите да бидат одговорни
Ковачевски денеска, одговарајќи на прашањето зошто во 2016 година, кога беше избрана првата техничка влада, било возможно тогашното мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ја гласа со опозициски министри од СДСМ кои не биле присутни во собраниската сала, истакна дека тогаш биле други услови.
Премиерот Димитар Ковачевски оставката од функцијата ќе ја поднесе в четврток, а со тоа и сите министри во Владата се во оставка.
Ковачевски денеска, одговарајќи на новинарски прашања по обраќањето што го имаше на годишната конференција „Година на европски можности“, го потврди денот кога ќе си поднесе оставка и рече дека со тоа никој друг од министрите нема потреба да го прави тоа.
Со оставката на Ковачевски се отворат процесите за формирање техничка влада, која треба да овозможи спроведувањето на парламентарните избори кои се закажани за 8 мај.
Покрај Ковачевски, оставка треба да си поднесе и претседателот на Собранието Талат Џафери кој ќе седне на премиерското столче.
Подготовките и кадровското екипирање на техничката влада се очекува да финишираат до петок кога би биле констатирани оставките и избран новиот претседател на Собранието Јован Митрески, актуелен координатор на пратеничката група на СДСМ. Изборот на техничката влада треба да биде в недела на 28 јануари. Таа треба да биде избрана најдоцна до полноќ, а ќе ја предводи сегашниот претседател на Собранието Талат Џафери.
Во однос на најавите дека доколку ВМРО-ДПМНЕ не гласа за техничката влада нема да има нивни министри и дали коалицијата е подготвена да го истера целиот мандат на техничката влада без министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Ковачевски рече дека до недела има доволно време и повика сите да бидат одговорни.
„Јас кажав дека до недела има доволно време. Тоа беше мојот одговор за да сите работи се договорат и во недела да имаме гласање за техничка влада со која ќе спроведеме демократски избори. Има доволно време меѓутоа сите треба да бидат сериозни. Не може некој да се однесува како 13-годишно дете, јас ќе предложам и нема да гласам, нема да гласам ова, нема да гласам она. Значи секој мора да биде сериозен. Никаде во свет нема да предлагате министри, а друг да ви ги гласа. Еве најдете ми еден пример каде што некој предложил министри и барал да му ги гласа некој друг“, одговори Ковачевски.
Сепак Ковачевски не кажа дека токму во 2016 СДСМ имаше технички министри кои беа воздржани односно не гласаа за својот избор односно за изборот на таа техничка Влада и нивната пратеничка група го напушти тогашното гласање, по што истите дадоа заклетва по три дена од гласањето за техничката Влада.