35.1 C
Skopje
среда, јули 1, 2026

Без шалтери, без хартија: Големото интервју со министерот Андоновски за дигиталната иднина на Македонија

„Шалтерот треба да биде избор, а не обврска“ – интервју со министерот за дигитална трансформација
Дигиталниот паричник, AI асистенти, повеќе од 200 електронски услуги и побезбеден сајбер простор се дел од визијата за модерна држава. Во интервју за Pogled.mk, министерот за дигитална трансформација г. Стефан Андоновски зборува за досегашните резултати, плановите до крајот на мандатот, борбата против нелегалното online коцкање, вештачката интелигенција и иднината на дигитална Македонија.

1. Поминаа две години од формирањето на Министерството за дигитална трансформација. Ако треба да издвоите три најголеми резултати кои директно ги почувствуваа граѓаните, кои би биле тие?

Министер: Поминаа две години од формирањето на Министерството за дигитална трансформација и во тој период реализиравме низа конкретни проекти и мерки што носат директна корист за граѓаните, институциите и компаниите. Направивме значајни чекори во дигитализацијата на услугите, модернизацијата на инфраструктурата и создавањето системи што значат помалку бирократија, поголема транспарентност и подобра заштита на податоците.
Тешко е да се издвојат само три резултати, но би ги потенцирал следните:

Прво, значително ја зголемивме достапноста и користењето на електронските услуги. Со редизајнот на Националниот портал и воведувањето повеќе од 120 нови електронски услуги, бројот на користења порасна од 1.354 месечно во 2024 година на 13.445 месечно во 2026 година.
Денес граѓаните можат целосно дигитално да добијат изводи од матичните книги, уверение за државјанство, потврди за неосудуваност, како и дозвола за набавка на оружје. Целосно онлајн беше реализирана и постапката за доделување 50.000 студентски ваучери за електронски уреди, без ниту една пријава за корупција или нетранспарентност.
Второ, администрацијата ја доближивме до граѓаните преку проширување на мрежата на центри за услуги. Од само пет центри во 2024 година, денес функционираат 16 низ државата. Како резултат на тоа, бројот на услужени граѓани порасна од просечно 1.800 годишно на околу 11.000.
Трето, поставивме силни темели за поефикасна, побезбедна и потранспарентна дигитална држава. Во рамки на Реформската агенда, Македонија досега обезбеди 31,7 милиони евра поддршка од Планот за раст на Европската Унија. Истовремено, презедовме конкретни чекори за заштита на граѓаните во дигиталниот простор, меѓу кои и блокирањето на 358 нелегални online приредувачи на игри на среќа.
2. Денес се достапни повеќе од 200 електронски услуги. Колку граѓани навистина ги користат и дали имате податоци колку време и административни процедури се заштедени?

Министер: Бројките најдобро покажуваат дека граѓаните сè повеќе ги прифаќаат електронските услуги. За нас е важно што дигитализацијата повеќе не е само технички проект, туку реална промена во секојдневната комуникација меѓу граѓаните и институциите.

Придобивките се директни – помалку чекање на шалтери, помалку административни процедури и побрзо завршување на постапките. Кај голем број услуги, граѓаните веќе можат целата процедура да ја завршат електронски, што значи заштеда и на време и на финансиски средства.

3. Кои се следните услуги што ќе бидат целосно дигитализирани? Може ли во блиска иднина граѓаните воопшто да не одат на шалтер?

Министер: Континуирано работиме на дигитализација на нови услуги. Но, тоа не зависи само од Министерството, туку и од подготвеноста на секоја институција да ги модернизира своите внатрешни процеси.

Последен пример е соработката со Државниот инспекторат за земјоделство, каде што дигитализиравме услуги поврзани со виното и тутунот. Истовремено го развиваме и проектот „СМАРТ лиценци“, кој ќе овозможи целосно дигитално издавање на лиценци.

Нашата цел е јасна – за најголемиот дел од услугите граѓаните и компаниите повеќе да немаат потреба да посетуваат шалтери. Шалтерот треба да биде можност за оние на кои им е потребна дополнителна помош, а не задолжителен чекор за секоја административна постапка.

4. Македонија стана полноправна членка на FIRST. Што практично значи тоа за граѓаните?

Министер: Членството на MKD-GOV-CSIRT во FIRST претставува голем исчекор во националната сајбер безбедност. Тоа значи дека нашиот тим за одговор на сајбер инциденти станува дел од глобална мрежа што разменува информации, предупредувања и искуства за сајбер закани.

За граѓаните тоа значи побрза реакција при потенцијални напади врз институциите, подобра координација со меѓународните партнери и поголема безбедност на дигиталните услуги што секојдневно ги користат.

Секако, ниту една држава не може да биде целосно имуна на сајбер напади, но Македонија денес е многу поподготвена и има пристап до светски механизми за навремено реагирање.

5. Во последните години институции во регионот беа мета на сериозни хакерски напади. Дали Македонија денес е доволно подготвена?

Министер: Не постои држава што може да гарантира целосна заштита од сајбер напади. Но, можам да кажам дека Македонија денес е значително поподготвена отколку порано.

Во изминатиот период воспоставивме системски пристап кон сајбер безбедноста преку зајакнување на MKD-GOV-CSIRT, воведување механизми за превенција, рана детекција и координиран одговор при инциденти.
Она што е најважно е што сајбер безбедноста повеќе не ја гледаме како обичен ИТ-предизвик, туку како прашање на национална безбедност и отпорност. Затоа инвестираме во човечки капацитети, обуки, процедури и меѓународна соработка, со цел институциите навремено да откриваат, реагираат и ги намалуваат последиците од потенцијалните напади.

поврзани објави

Последни објави