5.8 C
Skopje
Sunday, December 1, 2024

Општина Центар прва се вклучи во програмата за (само)вработување на самохрани мајки

Општина Центар денеска потпиша меморандум за соработка со Бизнис конфедерацијата на Македонија, Институтот за менаџмент и поддршка и Здружението на бизнис жени на Македонија во рамките на проектот “Програма за (само)вработување на самохрани мајки“.

Проектот е поддржан од Европската унија и се спроведува во наредните 12 месеци.

Обраќајќи им се на присутните, градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, го изрази своето задоволство од оддржувањето на настанот и соработката и помошта на самохраните мајки.

“Велат, човек се мери по тоа како се однесува кон оној кој има потреба од помош. Да се помогне не е само морален чин, тоа сржта на човечноста. Мајчинството пак, е една од најтешките “професии“. Бара целосна посветеност, 24-часовна ангажираност и користење на сите физички и емотивни ресурси. Да се расте дете, значи да се негува живот, иднина, надеж. Да се помогне на жена-мајка, значи да се помогне и на иднината на цело едно општество.

Во овие 4 години мандат, заедно со моите колеги секоjдневно се трудиме да градиме општина со хуман лик. Не се задоволуваме со блескави фасади и уредена но, безлична инфра-структура. Ние работиме за луѓето од општината, сакаме да ги запознаеме нивните ликови и вистински да ги чуеме нивните потреби. Никогаш не ги вртиме погледите пред оние на кои им е потребна поддршка. Напротив, наш императив е да направиме сѐ што е во наша моќ за да подадеме рака.

 “Програмата за (само)вработување на самохрани мајки“ за Општина Центар претставува многу важен проект. Особено затоа што нуди поддршка на исклучително ранлива група граѓани кои не се соочуваат само со егизтенционални проблеми. Самохраните мајки, за жал, секој се справуваат и со бројните предрасуди од околината и игнорирање од страна на институциите.

Како маж, свесен сум за затвореноста, ригиднота и неправедноста на патријархалните општества какво што е македонското. Како градоначалник, добро ги познавам пасивноста и немањето слух на бројни македонски државни институции. Како Андреј, чувствувам не само желба, туку и човечка обврска да им помогнам на современите жени-борци кои преку својата лична борба и љубовта кон своите чеда нѐ инспираат сите да се потрудиме повеќе, да се потрудиме похумано.

Секојдневно имам безброј прилики да соработувам со многу жени. Голем дел од најважните задолженија во Општина Центар, исто така се доверени на жени. Секој ден гледам талентирани, посветени, професионални жени кои носат нешто ново и добро  во општеството. Воопшто не се прашувам дали жените можат. Јас знам дека можат. И сметам дека вистинското прашање кое сите ние треба да си го поставиме е како да им помогнеме на жените да го покажат сето она што го умеат.

Во овој проект ја препознавам токму таа можност. Можноста самохраните мајки и жртви на семејно насилство да добијат поддршка во надминувањето на секојдневните тешкотии и непречено да го изразат својот потенцијал. Преку едукација, практични тренинзи, стручно водство и психо-социјална поддршка, самохраните мајки ќе добијат конкретна можност да станат важен дел од пазарот на трудот. Кога ќе ги препознаат своите потенцијали, ќе добијат самодоверба да ги реализираат на дело. Нивното успешно вработување и самовработување, освен што ќе овозможи достоинствена лична егзистенција, ќе го збогати и нашето општество со нови таленти, нови перспективи.

Овој проект не е само убав хумана идеја, овој проект е помош во акција. Токму такви проекти како општина сакаме да концепирме и реализираме. Ветувам дека Општина Центар ќе ги искористи сите потребни ресурси за истиот да прерасне во успешно дело.

Пред официјалното потпишување на Референдумот за соработка, би сакал уште еднаш да им се заблагодарам на организациите и соработниците за успешната изработка на овој обемен и значаен проект, прв од ваков тип. Свесен сум дека претстојат предизвици и многу напорна работа. Но, знаејќи ја посветеноста и способноста на учесниците, тоа воопшто не ме загрижува. Сигурен сум дека преку меѓусебна помош, ќе помогнеме на вистински начин.

За крај но, пред сѐ, од срце благодарност за сите самохрани мајки и жртви на насилство кои со достоинство стојат исправени пред животните предизвици. Вашата борбеност и пожртвуваност се мотивација за секој од нас. Нека вашите успешни приказни бидат светол пример“, рече во своето обраќање, градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

На чинот на потпишување на меморандумот со општина Центар на присутните им се обратија и претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков; раководителот за соработка на Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини и претседателките на Институтот за менаџмент и поддршка и Здружението на бизнис жени, Исидора Сидоровска и Валентина Дисовска.

Основна цел на програмата е развивање модел за поддршка на самохрани мајки и жени, жртви на семејно насилство, во процесот на нивно вработување и самовработување, се вели во соопштението на општина Центар.

поврзани објави

Последни објави