fbpx
16.8 C
Skopje

Средба Заев – Ји: Сите да ги поддржат демократските процеси за да се формира новата Влада! (ФОТО)

АКТУЕЛНО

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски денеска се сретна со заменикот помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, придружуван од амбасадорот на САД, во Р.Македонија, Џес Бејли.

Изразена е поддршка за демократските процеси во Република Македонија, кои по кредибилните избори продолжија со избор на нов собраниски претседател од редовите на парламентарното мнозинство, а ќе резултираат со избор на нова Влада во Македонија.

„Новиот претседателот на Собранието е избран законски и легитимно, согласно Деловникот, законите и Уставот. Продолжуваме да ги движиме процесите посветено и мудро и во следниот период ќе пристапиме кон формирање на новата реформска Влада“, рече претседателот Заев.

Тој најави дека Ѓорге Иванов ќе добие известување од новиот собраниски претседател дека постои демократски формирано парламентарно мнозинство и ќе побара од Иванов да постапи според уставната обврска да го даде мандатот за формирање Влада. Исто така постои и Програма на новата реформска Влада којашто гарантира унитарност на државата, почитување на Уставот, евро-атлански перспективи на Македонија, што уште еднаш ќе му биде предочена иако е позната за целата домашна и меѓународна јавност.

„Со тоа се исцрпуваат неразумните барања од Иванов со коишто тој го условува давањето на мандатот. Парламентарното мнозинство има обврска да ја реализира мнозинската волја на 700.000 граѓани изразена на изборите и таа обврска ќе ја исполни“, најави претседателот Заев.

Тој рече дека идната Влада е подготвена да соработува со идната опозиција во интерес на реформските процеси, но дека во овој момент е најважно ВМРО-ДПМНЕ да прифати дека е опозиција и да ги прекинат тензиите. На средбата е заеднички осудено насилството во Парламентот кога беа повредени пратеници, новинари, вработени во Парламентот и е констатирана потребата од разум кај сите, за овозможување мирен трансфер на власта. Оценето е дека е од голема важност за напредокот на Македонија, определбата на мнозинството граѓани и нивните претставници во Парламентот за развој на државата во едно општество за сите граѓани коешто ќе обезбеди правда и квалитетен живот за сите. Исто така истакната е потребата претседателите на сите политички партии и институциите да го сфатат својот дел од одговорноста и да дејствуваат во насока на поддршка на демократските процеси во Македонија.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -