fbpx
2.3 C
Skopje

Вистината е поголема и од светлината, но кој може и сака да ја види

АКТУЕЛНО

 

Пишува: Марио Милчевски 

 

Појавата на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија значеше пад на режимот во Југославија, продолжување на патот на нашите претци, на македонските дејци кои се стремеле кон крајната цел – независна, самостојна и суверена Република Македонија.

Во 90-тите покрај ВМРО-ДПМНЕ, во Македонија се појавиле и други партии кои биле југоносталгични и кои не пројавувале некоја посебна желба за Независна Македонска држава. Во редовите на Организацијата на партијата влегуваат нови, свежи сили, кои тогаш процениле дека преку една таква акција може да се дојде до конечната “слобода“ за Македонија и нејзино осамостојување, како и градење на држава со сопствена валута, војска, репрезентација, армија и сето она што претставува синоним за една самостојна и суверена држава.

Меѓу многуте, ќе го спомнам името само на еден од нив: тој е Љубчо Георгиевски – 24. годишно момче. Навидум, тогаш никој не би се посомневал дека во тоа младо момче кое во почетокот на 90-тите години тргнал да стане народен водач, се крие голем војвода кого подоцна ќе го нарекуваат “икона“ на ВМРО но и политичар кој ќе биде најзаслужен за тоа што Македонија на некој начин излезе од СФРЈ, прогласи самостојност и стана држава со свое знаме, валута и репрезентација.

Оттогаш всушност и започнува професионалната “револуционерна“ кариера на Љубчо Георгиевски, кој со својот организаторски талент и неисцрпна енергија ќе се издигне до врвовите на ВМРО.

После 26 години слободно можеме да констатираме дека партијата која некогаш се истакнуваше пред се со својата морална чистота, доследност и посветеност на политичката линија усвоена од ВМРО, во последните единаесет години лидерска дејност на Никола Груевски, скршна од патот на Организацијата, при што остави дамка на партијата дека води класична југословенска политика.

Партијата во изминатиот период буквално тргна во војна со сите неистомисленици, од домашната но и од меѓународната заедница, па дури и со амбасадорите на најмоќните држави во светот. Во партијата после долг период се појавија таканаречени “реформатори“ кои бараат демократизација и промени во партијата, за како што велат, враќање на позитивните резултати и победа на ВМРО ДПМНЕ на следните парламентарни избори, но и враќање на идеолошките позиции на партијата, кои дефинитивно се изгубени и ја претворија ВМРО ДПМНЕ во партија на чиј митинг денес дури е нормално да се читаат цитати од Јосип Броз Тито. Тука мораме да подвлечеме и да им честитаме за храброста, решителноста но и да прашаме: Каде беа до сега “реформаторите“ и дали ВМРО не заслужи реформирање многу порано?

Отварајќи простор за партиите на Ѕинго, Титови Леви Сили и Стевче, ВМРО-ДПМНЕ направија посебна стратегија за десниот кампус на помали политички партии, фокусиран на луѓето од десницата, кои функционираше беспрекорно. Дали ова не беше доволен мотив, за некој таму во ВМРО-ДПМНЕ да застане и да каже: Чекајте, што правите? Свесни ли сте Вие што им правиме на нашите браќа и сестри ВМРОВЦИ, додека нашите редови станаа прибежиште на луѓе кои некогаш не сакаа да слушнат ниту за Македонија, ниту за ВМРО.

Црвенковски еднаш од една говорница кажа: Или си СДСМ или не си! Денес тоа мора да важи за ВМРО. Вистината е дека денес е денот кога вистинските ВМРОВЦИ мора јасно и гласно да кажат: ИЛИ СИ ВМРО ИЛИ НЕ СИ! Затоа, ВМРО ќе мора да расчисти со преобразените комунисти, позери и блефери но и личности со контроверзи и со нетранспарентно работење. ВМРО мора да престане да биде уточиште за најтврдите комуњари, мора да се исправи, мора да разбере дека и треба нова сила, нова надеж. Тоа е нужен процес, нешто без кое ВМРО не може да тргне кон нови победи во иднина. ВМРО мора да влезе во контакт со сите десничарски партии во Македонија, со цел идно окрупнување на десницата и заедничко делување, со цел обединување, а не разединување, по којзнае кој пат.

 

 

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -