fbpx
8.8 C
Skopje

Шекеринска-Кодели: Поблиска соработка во одбраната и поддршка за евроатлантските интеграции

АКТУЕЛНО

Добрососедската политика дава позитивен импулс за безбедноста на регионот и неговата целосна интеграција во евроатлантските структури, се согласиле министерките за одбрана на Македонија и на Албанија, Радмила Шекеринска и Мими Кодели на денешната средба во Тирана.

– Задоволство ми е што мојата прва официјална посета како министерка за одбрана ја правам на Албанија, што не е коинциденција. Тоа го потврдува и јасниот став на Владата на Република Македонија дека регионалната соработка е неопходна за просперитет на целиот регион, истакна Шекеринска по средбата.

Информира дека со Кодели, разговарале за неколку клучни области како справувањето со ризиците, борбата против фундаментализмот и справувањето со терористичките закани.

Во таа насока, министерката Кодели истакна дека Албанија е подготвена да соработува со новата македонска Влада во решавањето на предизвиците со кои се соочуваат и двете земји.

– Јас сум убедена дека меѓусебната соработка, со Вас како министер, ќе се зголеми уште повеќе и дека ќе постои еден просперитетен однос помеѓу нашите две министерства и вооружени сили, рече Кодели.

Во контекст на меѓусебните односи, министерката Шекеринска истакнал дека Владата на Република Македонија покажа јасен став дека соседите ни се потребни исто како што сме и ние ним.

Шекеринска и Кодели, како што соопшти МО, разговарале и за потребата од интеграција на целиот регион во НАТО со што ќе се зацврсти и безбедноста и просперитетот на Балканот и пошироко.

– Приемот на Македонија во НАТО-Алијансата ќе значи нов импулс за безбедноста и стабилноста на регионот кој се покажа како круцијален во зачувувањето на безбедноста на Европа, особено од аспект на мигрантската криза, истакна министерката Шекеринска и посочи дека регионот може да просперира само ако е безбеден.

Кодели истакна дека ги цени напорите на Македонија за реформи во одбраната и ја охрабри да продолжи на тој пат. Порача дека Албанија одблиску ги следи напорите на Македонија за членство во НАТО и дека ќе бидат силни поддржувачи на интеграцијата на Македонија во НАТО. Според неа, интеграцијата на Македонија во евроатлантската организација е добра за Балканот, но и за Алијансата.

Во рамките на денешната официјална посета на Албанија, министерката Шекеринска ќе го посети и баталјонот на специјалните сили на албанските вооружени сили во Тирана, каде ќе биде изведена и показна вежба.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -