8.8 C
Skopje
Wednesday, December 11, 2024

Богојески: Законот за употреба на јазиците треба да обезбеди поголена инклузија на Албанците во Македонија

Еден од иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески коментирајќи го предлог Законот за употреба на јазиците вели дека ваквите закони треба да обезбедат поголема инклузија на Албанците во македонската држава и нивна поголема идентификација со Македонија.

-Во услови кога дел од раководството, кое ја држи киднапирана целата партија (ВМРО-ДПМНЕ), одбива да се произнесе по прашањето за донесување на ново законско решение за употреба на јазиците во Република Македонија, истакнувам дека иднината и предлог законските решенија треба да обезбедат поголема инклузија на Албанците во македонската држава и нивна поголема идентификација со Македонија. Во таа насока, Уставот на Република Македонија, во кој се вметнати одредбите од Охридскиот рамковен договор, се доволна рамка со која се уредува тоа прашање, смета Богојески.

Тој додава дека тргнувајќи од идеолошката матрица на организацијата (ВМРО) и христијанскиот индивидуализам, предлага и инсистира на унапредување на индивидуалните права на секој граѓанин на Република Македонија, без разлика на национална, верска, политичка или друга определба, а не на концепт на наметнување на права на колективитети.

-Тоа е одраз на комунистичкото минато, време е Македонија да тргне со крупни чекори кон иднината, коментира Богојески.

На прашањето дали за него се прифатливи двојазичните униформи во местата каде има 20 отсто Албанци или членот од Законот кој вели дека покрај македонскиот јазик кој е службен на целата територија на Република Македонија, службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, Богојески повторува дека овие прашања треба да се решат во рамки на Уставот и да се унапредуваат индивидуалните граѓански права, а не права на Македонци, Албанци или Срби.

поврзани објави

Последни објави