Поранешниот фудбалер на Баерн Минхен, Марио Баслер, лансираше бомба која оддекна низ целата фудбалска и спортска јавност. Имено, тој најави дека шефот на стручниот штаб на германскиот шампион, Карло Анчелоти ќе ја напушти Алијанц арената, и тоа уште во јануари.
Како што тврди Баслер, италијанскиот стратег ќе се пресели на Далечниот Исток.
„Слушнав дека Анчелоти потпишал договор со кинески клуб. Врз основа на тоа што го знам, Карло ќе го напушти Баерн во текот на зимата, затоа што новата сезона во Кина започнува во фебруари“, изјави Баслер, кој три сезони го носеше дресот на баварците, а моментално е спортски директор на Локомотив од Лајпциг.
Анчелоти има договор со Баерн Минхен до летото 2019 година, па затоа и тешко е да се поверува толку лесно дека ќе го напушти клубот. Без разлика колку и да е голема понудата, сепак станува збор за една мирна и стабилна личност.
„Не можам да потврдам дека оваа вест е 100 проценти точна, но мојот извор е доста сигурен. Не велам дека сето ова ќе се случи, нека тоа бидат само гласини кои кружат наоколу“, дополни Балсер, во изјава за германската ТВ Спорт 1.