Грција да ги направи своите отстапувања за Македонија да стане дел од НАТО а потоа и од ЕУ порача бугарскиот европратеник Андреј Ковачев непосредно пред Бугарија да го почне своето претседавање со унијата.
Политиките кои ги спроведуваше власта предводена од Груевски се веќе минато и време е за градење на добрососетски односи вели европратеникот од ГЕРБ во интервју за ТВ Европа. Според него острата реторика од македонска страна е намалена и сега е време и Грција да го направи истото.
„Грчката страна сепак треба да ги направи своите отстапувања и Р.Македонија да стане дел од НАТО било да е под името Поранешна Југословенска Република Македонија или под некое друго име, но тој процес мора да биде деблокиран. Јас разбирам, пред тоа беше политиката на Груевски и неговите постојани провокации. Да дадеш име Александар Велики на аеродромот или патот до Грција се разбира е провокација спрема Грција но сега би требало да се намали таа реторика и се надевам дека и во грчката политика ке има желба за тоа да се случи особено сега кога го потпишавме и договорот за добрососедство.“ – вели Андреј Ковачев Европратеник ГЕРБ ЕНП.
Изјавата на Ковачев следува откако пред само два дена во Кавала бугарскиот премиер Борисов во четири очи, но и во присуство на медиумите и јавноста му порача на Ципрас дека земјата која Грција ја нарекува ФИРОМ за Бугарија е само Р. Македонија.
„Истото го кажав во Скопје истото го имам кажано и на Вучиќ, и на косовскиот премиер. Што постигна Србија со Косово, или Косово соодветно. Или каков е просперитетот на тука кај вас Поранешна Југословенска Република Македонија за нас е Република Македонија. До каде водат тие спорови . Кога Европа е единствена тогаш има просперитет.“ – вели Бојко Борисов, премиерот на Бугарија.
Интегрирањето на Балканските земји во ЕУ но и поддршката за Македонија е тема на која особено се работи периодов непосредно пред претседавањето на Бугарија со унијата . Дека евроатланските и евроинтегративнмите процеси на Македонија се во фокусот на бугарското претседавање пишуваат и бугарските медиуми но и се позачестените изјави кои доаѓаат од кабинетот на бугарскиот премиер Борисов. Бугарија ќе ја води унијата од први јануари 2018-та година.
ТВ 24