Во Македонија навистина имало мобилно возило за следење на комуникациите, но не на странски служби, туку набавено за потребите на УБК. Со што било опремено „жолтото комбе“?
Жолтото комбе“ кое стана синоним за неаргументираната одбрана на Владата на Никола Груевски за масовното прислушување на над 20.000 граѓани, наводно командувано за потребите на „странски служби“, според извори во домашната истрага, всушност било набавено и опремено за потребите на УБК.
Првото спомнување на вакво „возило“ започна со кривичната пријава за „Пуч“, односно со изјавата на Никола Груевски на прес-конференцијата одржана на 31 јануари 2015 година.
„Откако Заев почна да ги упатува заканите кон мене, МВР покани врвни експерти за оваа проблематика од позната странска компанија, која со своја опрема утврди дека повремено на различни локации, главно во центарот на Скопје, непознат сторител врши нелегално прислушување и снимање телефонски разговори, користејќи мобилна опрема чија локација постојано се менува, а функционира по принцип на клонирање на базни станици. Локацијата на снимањето се менувала во радиус од околу два километра, но, главно, се одвивала низ центарот на Скопје, околу државните институции“, обвини Груевски пред две години.
Спомнувањето на таква мобилна опрема изгледа дека воопшто не било случајно, ниту пак биле непознати нејзините можности. Според наодите на истрагата за случајот „Трезор“, такво возило за следење на комуникациите било набавено од МВР, односно УБК. Истото функционирало како мобилна базна станица, а било набавено преку фирмата „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, со анекс-договор од јули 2012 година, како „дополнителна опрема“ на основната, набавена во 2010 година. Главната и дополнителните набавки на оваа опрема, биле означувани со различни степени на доверливост.
Покрај стандардните, возилото било опремено со уште две седишта, специјални заштитни стакла, видео сервер, видео модем, неколку монитори, стабилизатор на слика, контролен приемник, тетра радио, антена-преклопник, специјални батерии, засилувачи на сигнали и звук и цел сет други технички средства кои требало да овозможат и поширок и таргетиран аудио, видео и фото надзор. За индициите дека возилото требало да биде ангажирано 24/7, сведочеле и наведените барања во набавката – тоа да биде опремено и со тоалет!
Во еден период возилото можеби и навистина било жолто, но имало можности по потреба неговата боја инстант да биде сменета со фолии, со цел да не паѓа во очи, доколку почесто е стационирано на одредена локација. Од него можело да се снима, слуша и фотографира од мали и непосредни дистанци – со паркирање до кафулиња, ресторани, станбени објекти, државни институции, партиски штабови, дипломатски претставништва, судови…
Повеќе за ова на www.dw.com