13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

Никаков договор не е постигнат: Ништо од големиот трансфер на „Енфилд Роуд“

Според најновите информации од Англија, договорот не е постигнат.

Ливерпул не е заинтересиран за играчот на Лестер Ријад Марез, пренесува „Скај Спорт“.

Ливерпул вчера постигна договор со Барселона за трансферот на својот играч Филипе Кутињо на „Камп Ноу“ за 160 милиони евра, по што британските медиуми почнаа да пренесуваат дека клубот од „Енфилд“ го договорил Ријад Марез како замена за Бразилецот, за 55 милионие евра.

Дури се појавија и информации дека трансферот е завршен и дека денеска ќе бидат направени лекарските прегледи по што ќе биде официјализиран неговиот трансфер на „Енфилд Роуд“.

Меѓутоа, извор за „Скај Спорт“ наведува дека немало никаков контакт на двете управи околу евентуалниот трансфер на алжирскиот репрезентативец.

И тренерот на „Лисиците“ Клод Пуел изјави дека Марез е задоволен во редовите на тимот од „Кинг Пауер“, а се верува и дека Лестер за неговите услуги барал и повеќе од споменатата сума, со оглед на денешната состојба на трансфер пазарот.

Марез ја подигна формата во последните месец дена, најзаслужен е за подемот на Лестер на табелата во Премиер лигата. Алжирецот постигна седум гола во Премиер лигата сезонава, запиша и исто толку асистенции, додека „Лисиците“ моментално се на осмото место со 30 освоени бода.

Сепак, се уште ништо не е готово. Клоп со своите играчи во моментов е во Дубаи, каде ја користат „дупката“ во распоредот за добро да се подготват за продолжението од сезоната, а „Скај“ пренесува дека германскиот стратег се уште ги разгледува сите опции.

Една од нив секако е Марез. Неговото доаѓање ќе значи многу за Ливерпул, но јасно е и дека Марез не ја покрива истата позиција која со голем успех во редовите на „Редси“ ја покриваше Кутињо, поради што се претпоставува дека покрај Марез, управата на клубот ќе се обиде да доведе и еден играч за врска.

На радарот на клубот е играчот за врска на Шалке Леон Горецка, кој според пишувањата на голем број медиуми, веќе е виден во Баерн Минхен од следната сезона, но богата понуда од Англија дефинитивно би можела да го промени неговото мислење.

Не е тајна дека Ливерпул го сака и Тома Лемар од Монако. Французинот и самиот изјави дека би сакал да заигра за Ливерпул, а поедини медиуми вчера пренесоа дека Французинот сега е приоритет на управата на клубот од „Енфилд Роуд“.

Извор: СпортКлуб

поврзани објави

Последни објави