4.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

(ВИДЕО) Столтенберг: Крвавиот четврток беше шок за НАТО, но импресионирани сме од напредокот

Настанот од 27 април претставуваше шок за НАТО алијансата, но импресионирани сме од напредокот кој беше направен после овој немил настан, оптимизмот, упорноста и гледањето напред, рече Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во своето обраќање пред пратениците во Собранието на РМ.

Тој истакна дека како поранешен пратеник ги разбира предизвиците со кои што се соочуваат пратениците во македонското Собрание.

– Онаму каде што има добар дијалог потребна е истрајност. Силно ги поддржуваме вашите аспирации кон евроатланската интеграција. Патот кон НАТО е отворен за сите земји кои се способни да ги вршат обврските и да придонесат во безбедноста на северно-атланската сфера. Има место за уште знамиња пред седиштето на НАТО, рече Столтенберг.

Тој истакна дека земјите членки на НАТО се импресионирани од амбицијата на Македонија за влез во Алијансата.

– Добро е да си амбициозен но и реален. Има уште за сработување, а тоа е прашањето со името. Ја поздравувам волјата на вашата Влада која покажува интерес за да го реши прашањето со името, вели Столтенберг при што ги повика македонските пратеници и владата да ја искористат оваа можност и да тргнат напред.

Генералниот секретар на НАТО на новата Влада и честиташе за напорите кои ги прави со Планот 3-6-9. Тој меѓудругото го поздрави и усвојувањето на законот за јазиците и ратификувањето на договорот со Бугарија.

Ние како Алијанса ве поттикнуваме во градењето на добро-соседски односи. Вратата на НАТО е отворена за нови членови и ве поддржуваме во реформите, рече Столтенберг.

Во своето обраќање кон пратениците, Столтенберг изјави дека во 2001. година НАТО и дала голема поддршка на Македонија за безбедноста во земјата.

Тој ја окарактеризираше Македонија како близок пријател на НАТО, покрај другото и поради тоа што веќе 15 години Армијата на РМ соработува со воените сили на НАТО.

– Важно за интеграциите во НАТО за оваа земја е да го зголеми буџетот за војската и да го реши проблемот со корупцијата во воените сили, рече Столтенберг.

Во Собранието на РМ, на обраќањето на Генералниот секретар на НАТО, присутни беа и пратениците од опозицијата. Тој им порача да бидат конструктивни и активно да се вклучат во реформите

Пред обраќањето пред македонските пратеницити, Столтенберг се сретна со министерот Димитров, претседателот Иванов, со министерката Шекеринска, а следува и средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

А1он.мк

поврзани објави

Последни објави