Челниците на Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска поведоа и официјална истрага за инцидентот кој се случи во последната минута од синоќешниот дуел од втората фаза од Европското првенство (ЕП) помеѓу организаторот Хрватска и Белорусија, во кој во центарот на вниманието беше селекторот на „коцкестите“, Лино Червар.
Во последниот напад на Белорусите, поранешниот предводник на Македонија влезе во теренот и со рака повлече еден од противничките ракометари, што не беше забележано од судиите на мечот. Червар на прес-конференцијата потенцираше дека станува згор за случаен контакт, но ЕХФ, сепак, реши да поведе истрага за што најстрога казна е отстранување на искусниот стратег од останатиот дел од шампионатот.
-По инцидентот во последната минута од средбата помеѓу Хрватска и Белорусија, во кој беше вклучен хрватскиот селектор Лино Червар, покрената е истрага од страна на Дисциплинската комисија. Побарани се извештаи од официјалните лица и изјави, кои мора да бидат доставени до 17 часот. Потоа, преку соопштение до медиумите ќе биде објавено каква одлука е донесена од страна на комисијата“ – се вели во соопштението на ЕХФ.