18.8 C
Skopje
Friday, October 4, 2024

Зборот треба да биде збор – Македонија една изборна единица!

Сегашниот изборен модел на Република Македонија со шест изборни единици е всушност бипартизирано политичко општество во кое има два големи политички субјекти во македонскиот и два во албанскиот гласачки блок.

Овој модел реално не ја отсликува демократијата во Република Македонија затоа што граѓанинот има тесен избор односно не гласа за кандидатот туку за политичката партија од која што доаѓа кандидатот. Наместо шест, една изборна единица со отворени листи ќе им овозможи на граѓаните да гласаат за одреден кандидат на листите на кого би му ја дале довербата, затоа што тие сакаат, со што истиот многу полесно би можел да се најде во Собрание, отколку како досега, кандидатите кои би се избориле за подобра позиција на гласачкото ливче како репрезенти на својата политичка партија.

 

Ова е многу важно бидејќи овде предност му се дава на квалитетот на самиот кандидат, а не на политичката партија која тој ја претставува. Да кажеме. Независните граѓани во Македонија кои не се членови и симпатизери на ниту една политичка партија, во овој случај би можеле да гласаат за кандидатот на кој му веруваат, а не на политичката партија на која и веруваат или на која членуваат.

На 24 август 2015 година. тогашниот лидер на опозицијата, Зоран Заев, а сегашен премиер нагласи дека Никола Груевски ќе падне, а веднаш по промената на власта, Социјалдемократскиот Сојуз на Република Македонија рече дека преку промената на моделот – МАКЕДОНИЈА ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА, повеќе нема да се случи да има моќни фигури како што беше Груевски, да воспостават режим и диктаторство во државата.

Затоа, во оваа прилика, ние, членовите и симпатизерите на политичките партии кои исто така гласаа и работеа активно за промени во државата, сакаме да го потсетиме премиерот на неговите искажани зборови и ветувања дека не смееме да дозволиме да имаме бипартитен систем во кој две големи партии постојано ќе се менуваат на власт.

Доколку Македонија биде една изборна единица, во Парламентот свои претставници би имале и граѓаните кои гласале за помалите политички партии во државата, а чиј глас вреди исто онолку колку што вреди и гласот на оние кои гласаат за промена на власта меѓу двата поголеми политички субјекти ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

На тој начин, повеќе од 70 000 граѓани ќе имаат претставници во Парламентот за кои својот глас го дале на демократски избори, по што нивните, народните избраници од страна на тие гласачи ќе се обидат да го застапуваат и тој граѓанин во највисокиот законодавен дом. Да потсетиме. Коалицијата ВМРО за Македонија на Парламентарните избори во декември 2016 година освои 24.523 (2.13%) гласови кои со овој изборен модел би имале 2 претставници во Парламентот на Собранието на РМ.
На тој начин, граѓаните кои го дале својот глас за оваа опција, би имале свои претставници во законодавниот дом, кој би ги претставувале нивните интереси, гледишта и ставови во однос на многу донесени закони, а кои се однесуваат на самиот граѓанин.

Ако е искрена намерата, ако е искрена изјавата дека веднаш по промената на власта Македонија ќе го промени својот изборен модел, тогаш ние, граѓаните на третата опција во Република Македонија, би сакале да ги потсетиме политичарите од двата поголеми политички субјекти во државата, особено оние од сегашната власт, да го исполнат дадениот збор и што побргу Македонија да стане една изборна единица.

Отворените листи и овој модел ќе значат демократизација, слобода на избор при гласањето, но и гласање за квалитетот на личноста, а не само за политичката партија.

Пишува: Марио Милчевски

поврзани објави

Последни објави