Почитувани, денеска имав задоволство да се сретнам со еден млад и талентиран музичар. Станува збор за 15-годишниот кларинетист Рикардо Хуна од Скопје. Учи во класата на Благојче Трајковски во Средното музичко училиште „Илија Николовски- Луј“.
Тој и неговиот татко, Себастијасн Хуна, ми покажаа како едно просечно македонско семејство се бори со секојдневните предизвици, економски проблеми, протекционизмот во образованието, но исто така, ми покажаа и нескршлива желба за учење, за напредување и себереализација.
Наградите и признанијата кои досега ги има добиено овој тинејџер зборуваат сами за себе. Рикардо ја има поддршката од семејството, несомнено педагошко водство од неговите наставници, не е ли време Министерството за образование и наука да предложи соодветни наставно-воспитни програми за талентераните деца, кои за среќа ги има.
Колку навистина нешто не е во ред со нас, ми беше предочено, со следниот пример, имено: На Рикардо и неговиот татко им е одбиена услуга во објект од јавен карактер, исклучиво поради расно мотивирани предрасуди.
Пријатели, се прашувам како по ѓаволите завршивме овде? Како едно момче е виновно за бојата на сопствената кожа? Како еден родител е виновен пред сопственото дете без да има никаква вина?
Пријатели, ова не сме ние, ова не смееме да бидеме ние. Во оваа прилика го изразувам моето искрено и несебично пријателство кон семејството Хуна, пишува Претседателот на ГДУ Петар Колев на својот фејсбук профил.

