-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

ИНТЕРВЈУ Влатко Ѓорчев: Мицкоски гради инклузивен концепт и тоа е исправен пристап

Поглед: Г-дин Ѓорчев. Двете земји (Македонија и Грција) си разменија нацрт – спогодби, во кои се содржани позициите во преговорите. Дали ова не е наивен начин на водење на преговори, ако се земе во предвид дека постои медијатор кој претходно даваше свои предлози, а земјите се изјаснуваа за тој предлог. Дали најновиот начин на водење на преговори за спорот меѓу Македонија и Грција, не ја отежнува односно комплицира уште повеќе целата оваа ситуација?

 

Владата на Зоран Заев преговорите ги води со инфериорен пристап, без црвени линии и поради тоа македонските позиции се влошуваат, а од Грција доаѓаат нови и нови барања. Грчката страна гледа дека има работа со гарнитура која што сака да ја „витка кичмата“ по секоја цена и тоа максимално го користи.


Поглед: Евидентно е дека постојат големи разлики во целиот овој процес. Грчката страна потврди дека останува на барањето за промена на македонскиот Устав, а шефот на македонската дипломатија истакна дека за Македонија не е прифатливо сложено име, слеано и без превод. Кој е вашиот став за позициите на Грција, како и за позицијата на македонската влада во преговорите за решавање на деценискиот спор?

 

Со оваа влада Македонија веќе нема никакви црвени линии. За ништо, за ниту едно прашање. Со својот пристап, Владата на СДСМ креираше очекувања дека веднаш и по секоја цена ќе го „реши“ овој повеќедецениски спор, со тоа што ќе отстапи од сите македонски позиции кои се градени со децении и со векови. Резултатот е дека добивме предлог кој е најлош во македонската дипломатска историја. Што да се очекува од Влада во која вицепремиерот Анѓушев во радио интервју изјави дека за него секоја варијанта за името е прифатлива?! Врз основа на тоа Грција со право констатира дека тоа всушност е позиција на Владата на Заев и затоа ги зголемија барањата.

 

Поглед: Агендата што ја постави Владата, името, договорот со Бугарија, законот за јазици… некако домашните обврски како да изостануваат, а владата се фали со добри економски политики и резултати. Кое е вашето мислење?

 

Економијата е меѓу најслабите страни на оваа влада. Македонија веќе нема економија, туку импровизација од неспособна гарнитура со  еден куп аматери кои не се во состојба да испорачаат ниту едно од дадените ветувања. За економската политика на Заев и Тевдовски нема што многу да се зборува затоа што таму нема буквално ништо. Тоа е тотално отсуство на план, идеја или програма. Многу ветија, а ништо не исполнија.

 

Поглед: Како јасно прогласен десничар, член и долгогодишен функционер во партијата која во 90-тите политички се создаде во духот на македонскиот национализам, барајќи независност на Македонија од Југословенската федерација, како Вие лично ја прифативте коалицијата со Титови Леви Сили, партија која се раководи според идеологијата на Јосип Броз Тито, а чиј претседател Слободан Угриновски дури го спореди со Исус Христос, алудирајќи на тоа дека бил “татко за Македонија“.  Која е потребата од ваква неприродна коалиција со која се прави сопствена карикатура на партијата и дали можеме да очекуваме новото раководство да ја раскине истата?

 

 

ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 28 години имаше поголем број на коалициони партнери. Од коалицијата со Петар Гошев, Ристо Пенов и Андреј Жерновски во 1996 година,  преку Васил Тупурковски и Демократска алтернатива (ДА) во 1998 година, потоа со Стојан Андов во 2000 година, широката коалиција со СДСМ во 2001 година, понатаму НСДП во 2006 година, до актуелната коалиција „За подобра Македонија“, во која влегоа  и излегоа поголем број на политички партии. Исто така, поголем број на партии и политичари со десен предзнак кои призлегоа од ВМРО-ДПМНЕ во изминативе 28 години одеа со самостоен настап, а во одредени периоди се приклонуваа во формална или неформална коалиција со СДСМ. Некои продолжија како самостојни партии, а некои се вратија во ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, она што во овој контекст моментално е најрелевантно е дека ВМРО-ДПМНЕ е точката околу која се концентрира анти-владиното расположние. Незадоволството од владата секојдневно расте, а единствено силната поддршка за ВМРО-ДПМНЕ е гаранција за промена на власта предводена од СДСМ.

ФОТО Влатко Ѓорчев

Поглед: Мицкоски направи мудар чекор. Покажа отвореност и за критичарите на поранешното раководство, кои тврдеа дека времето на груевизмот во ВМРО-ДПМНЕ и во Република Македонија заврши, а дел од нив ги постави и на високи функции во партијата. Дали ова е првиот чекор кој новиот лидер го презема при расчистувањето со наследството од Груевски?

 

Мицкоски има отворен пристап, водејќи политика на отворени врати. Тоа е инклузивен концепт, со кој што сака да привлече што поголем број на луѓе. Тоа е исправен концепт и веќе дава резултати, а во наредниот период тоа ќе се потврдува. Инклузивниот концепт значи создавање на широка основа за создавање на услови за политичка соработка за пораз на актуалната неспособна гарнитура. Владата на Заев и СДСМ дава повод за критики секој ден и тоа е можност за секој што сака да ја гради својата политичка позиција.

ФОТО Влатко Ѓорчев

Поглед: Проштевањето е духовен процес. Во духот на својата демохристијанска определба, дали сте подготвени да побарате прошка, како и да простите за сите меѓусебни грешки кои си ги имате сторено едни кон други, со вашите браќа од помалите десничарски партии – ВМРО НП, ОМ и Достоинство со кои во 90-тите заедно ја биевте битката за Независна Македонија? Има ли капацитет новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ да направи големо обединување на десничарите во Република Македонија?

 


Актуелната власт на дневна основа си дава политички автоголови. Уште еднаш, тоа е можност за секој политички активен поединец, групација или секоја партија да ги критикува овие автоголови и овие штетни политики за Македонија. Колку повеќе некој се спротиставува на политиките на Владата на Заев, толку повеќе се зголемува можноста за соработка со ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е дека разочарувањето на неисполнетите ветувања на СДСМ расте и прашање на време е кога поинтензивно ќе се артикулира, дури и од оние кои во изминатите години сакаа да поверуваат во ветувањата на Заев и СДСМ. Таквото разочарување сигурно ќе се зголемува и засилува.

 

Поглед: Велат дека е човечки да се греши. И така е. Нема човек, па така ниту политичар, што во одреден момент од својот живот и извршувањето на своите професионални обврски не направил грешка. Некогаш намерна, некогаш ненамерна. Кои, според Вас, се најголеми грешки и промашувања на 11 годишното владеење на Никола Груевски, како прв човек на македонската влада, но и прв човек во партијата ВМРО-ДПМНЕ?

 

 

 

Имаше и многу добри проекти, и одреден број на грешки. За сето тоа многу е напишано и сето тоа е објаснето во јавноста. Македонија имаше 8 премиери изминативе 28 години и лесно може да се види и наброи што е направено во кој мандат. Од десната страна премиери беа Никола Кљусев, Љубчо Георгиевски, Никола Груевски и Емил Димитриев. Од левата страна се Бранко Црвенковски, Хари Костов, Владо Бучковски и Зоран Заев, кои во 28 години само еднаш победија на парламентарни избори. Кога ќе помине галамата и кога ќе се симне прашината, остануваат делата. Во Македонија се градело и создавало еднинствено кога ВМРО-ДПМНЕ на власт. Има ли едно дело, една градба, една фабрика или еден проект што го направила било која влада на СДСМ? Нема. Едноставно човек не може да се сети. Веќе 1 година наназад можеме да видиме какво е времето на СДСМ, кога буквално нема никакви проекти. Се вративме во 1995, 1996 година. Една бандера не е направена, една шајка не е закована.

 

Поглед: За настаните од 27 април, бевте пофален од првиот Претседател на партијата Љубчо Георгиевски, кој истакна дека е исклучително горд на однесувањето со кое сте покажале таква високо хумана, човечка димензија, притоа нагласувајќи дека во 2003 година му имате кажано дека го сакате и почитувате како лидер, но дека странците биле за Груевски. Какви се денес вашите релации со Георгиевски? Дали Влатко Ѓорчев, како дел од луѓето кои фигурираа и важеа за блиски соработници на првиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, би сакал да го види Љубчо Георгиевски назад, во партијата која ја основал?

 

 

ВМРО-ДПМНЕ е партија која има отворена врата. Георгиевски има свое место во историјата на Македонија како поранешен премиер, како и важно место во историјата на ВМРО-ДПМНЕ како нејзин долгогодишен претседател. Љубчо Георгиевски е меѓу основачите на партијата и ја водеше 13 години во доста турбулентни времиња за Македонија. Со него имаме коректни односи и взаемна почит.

Истовремено, ВМРО е долга епопеја, многувековна приказна, која продолжува и не запира. И во историјата, и во денешно време ВМРО го следат обединувања и раситнувања, помирувања и разлики, средби и разделби. Во секоја варијанта,историското ВМРО и денешното ВМРО-ДПМНЕ е централното место каде што се собираат македонските политички сили и македонските идеи. Македонската борба продолжува, а Македонците се борат за своите правдини.  Затоа, добродојден е секој човек и секој поединец кој сака да помогне и да придонесе.

поврзани објави

Последни објави