Грчкиот премиер не е верник, па грчкиот свештеник реши да ја искористи трагедијата во Грција за тврдењето дека страшните пожари се всушност Божја казна за премиерот неверник.
„Атеистичкиот премиер Ципрас ги предизвика гневот Божји. Грција ја упропастија пожари и поплави“, напиша на својот блог митрополитот Амвросиј.
Тој потоа, цитирајќи го Новиот завет, додаде дека поради „одалечувањето на луѓето од Бога се случуваат разни катастрофи како земјотреси, глад, епидемиии, криминал и разорни пожари“.
Грчкиот митрополит успеа да ги поврзе пожарите и фактот што Ципрас не е оженет со својата девојка.
„Кој е, прашувам, за одалечување на модерните Грци од Божјиот пат? Кој Друг? Атеистичкиот премиер Алексис Ципрас и неговите соработници“, напиша Амвросиј, па го наведе и фактот дека Ципрас не ги крстел своите деца и не се венчал со својата девојка.
Грчките медиуми, очекувано, прилично гневно реагираа на непримерните тврдења на митрополитот, па потсетија на пожарите од 2007 година, во кои смртно настрадаа 84 лица, кога на власт не беше неверник туку конзервативната и религиозна партија Неа демократија.
ИЗВОР: МКД.МК