Порталот Трибуна со неколку прашања до Никола Тасев.
Еве што одговори тој на следниве прашања:
Трибуна: Г-не Тасев пред неколку дена преку Вашиот facebook профил повикавте наместо консултативен референдум да се одржат избори. Во истиот повик, предлагате и промена на изборниот модел, Македонија да стане една изборна единица со отворени кандидатски листи. Може ли подетално да објасните на македоската јавност што значи тоа?
Никола Тасев: За да се изрази вистинската волја на граѓаните мора секој глас да се вреднува еднакво. Затоа е потребно итно менување на изборниот систем и Македонија да стане една изборна единица. На тој начин сите партии ќе добијат подеднакво вреднување на својата сила. Помалите, но и некои нови партии или граѓански движенија, ќе добијат можност да влезат во парламентот. При овој систем ќе биде потполно погрешно ако се стави цензус поголем од 3%, затоа што нема да се постигне целта. Затоа мислам дека секоја листа треба да се потврди со одредена бројка на потписи, исто како кај кандидирањето на претседателските избори. Отвореноста на листите ќе придонесе да не одлучуваат партиските шефови, кој ќе биде пратеник и на тој начин да добиеме неквалитетен парламент од миленици на лидерот. При отворени листи секој ќе се надева дека ќе освои пратенички мандат и на тој начин преку лично лобирање и ангажираност ќе носи гласови за својата листа. Досега дури и кај големите партии кандидатите над 15 немаа никаков интерес да работат, знаејќи дека немаат шанса за влез. Во минатото во партиите имаше личности, сега има само медиумски личности-миленици на партискиот врв. Со отворените листи квалитетот на парламентот ќе се подигне на високо ниво. Следна работа што е многу важна е да се забрани предизборното коалицирање, за да се тргнат од политичката сцена крлежи од човек партија што веќе 20 години се шлепаат или на грбот на ВМРО-ДПМНЕ или на грбот на СДСМ. Еве им една изборна единица, еве им отворени листи нека си ја измерат силата.
Трибуна: Иницијатива за таква промена почна и партијата Граѓанско Демократска Унија-ГДУ, од новата партија предложија и додавање на уште едно референдумско прашање во референдумот што треба да се одржи на 30 септември. Имено, намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, промена на изборниот модел- Македонија една изборна единица и отворени листи. Дали според Вас има основ да се мисли за заедничка иницијатива на партиите, што бараат промена на изборниот модел, која ќе го претстави овој проблем и ќе почне активности за неговото решавање?
Никола Тасев: Промена на изборниот систем предложија многу партии. Дури и СДСМ во кампањата во декември 2016 вети дека ако победи ќе направи промена во изборниот модел со една изборна единица. Но, да се разбереме, ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ не им одговара една изборна единица-ќе го изгубат комодитетот во парламентот и како власт и како опозиција. Начинот на кој може да се натераат е многу едноставен: сите помали партии да потпишат меморандум дека нема да учествуваат на следните избори, доколку не се смени системот. Да им кажат и на СДСМ и на ВМРO-ДПМНЕ: дечки и така сме само декор на изборниот процес со овој нерамноправен систем па затоа играјте си сами.
Трибуна: Вие повикувате на обединување на помалите партии, готови ли сте да бидете инициаторот на таков процес и да ги поканите останатите да работите заедно во таа насока?
Никола Тасев: Секако доколку има расположение кај помалите партии, идејата може да се разработи и да се направи заеднички настап пред двете големи партии и меѓународните институции за да се објасни потребата од оваа промена на изборниот модел.