-5.2 C
Skopje
Saturday, February 8, 2025

Иселеникот Драги Стојковски од Канада за Експрес: Ако ја загубиме Република Македонија нема да сме Македонци

Драги Стојковски е роден 1955 година во Скопје. На 15 годишна возраст во 1970 година заминува за Торонто, Канада, со родителите и братот. Во Торонто завршува колеџ за тренер по гимнастика и факултет по социологија.

Од млади години е активен во македонските организации, посебно во Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) и Организацијата Обединети Македонци во Канада (ООМК). Стојковски бил и претседател на истите;


Каква улога има и треба да има македонското иселеништво во секојдневниот живот во Република Македонија?

– Ние иселениците сме бесплатни амбасадори на македонската вистина низ светот. При секоја средба со локалните пријатели и соработници, ние секогаш се претставуваме како Македонци и секогаш со најпофални зборови ја претставуваме татковината. Ние активистите се среќаваме со локалните политичари од најниско до највисоко ниво, како на пример средбата со канадскиот премиер Харпер на Гоцевата вечер во 2009 година, и се‘ со цел да влијаеме и лобираме за проширување на соработката со нашата татковина и подршка на Република Македонија за меѓународно признавање под уставното име. Потоа тука е економската добивка од иселениците, почнувајќи од достави до најблиските па се‘ до редовните посети на стариот крај. Иако сме иселеници, ние сепак сме составен дел од македонскиот народ и нација, и секогаш делуваме според македонските национални интереси.


Кои ваши дејности придонесуваат за претставување на македонскиот дел од вистината?

– Многумина иселеници се бавиме со истражување со цел докажување на македонската посебност, којашто, како што знаете, постојано се порекнува од страна на нашите соседи. Јас го имам целосно истражено канадскиот попис од 1911 година и таму има непобитни докази дека Македонците се определувале како Македонци, дека нивната националност била македонска и дека дома го говореле македонскиот јазик. Потоа, случајот со Македонците кои биле војници во канадската и американската војска во Првата светска војна. Па надгробните плочи во Торонто и Чикаго каде местото на раѓање е Македонија. Слично и со Годишникот на весникот Народен Глас во САД од 1933 година, каде во рекламите Македонците за своето родно место покрај селото или градот, додаваат дека се родени во Македонија. Тука се изјавите во Австралија за намерата да се поднесе барање за австралиско државјанство каде прво во весник намерата мора прво да се навести. Таму точно се наведува дека барателот е од македонска етничка припадност. Има еден интересен случај на сопружници во САД каде сопругот е Македонец со мајчин македонски јазик, додека сопругата е Бугарка со мајчин бугарски јазик. Само да се прочешлаат старите весници низ светот може да се дознае вистината за Македонија и Македонците. За жал, нашите политичари не ги користат овие откритија во борбата за вистината, претпочитајќи да ја остават историјата на нашите порекнувачи за ние да сме се свртеле кон иднината. Благодарејќи на тој менталитет добиваме погубни договори со Бугарија и сега со Грција.


Кога ги спомнавте договорите со соседите, како гледа иселеништвото на овие договори?

– Можам да го кажам мојот личен став, но убеден сум дека мнозинството иселеници ќе се согласат со мене, како и мнозинството Македонци во Македонија. Договорот со Бугарија е насилно прикривање на бугарските злодела за време Втората светска војна низ цела етничка Македонија. Бугарските фашизоидни порекнувачи на македонската посебност се радуваат на попустливоста на нашата Влада. Меѓувремено, меѓународната заедница игра дволична улога нарекувајќи ги националисти и тврдокорни сите Македонци кои си ја бранат својата посебност. Истовремено, ги превидуваат фашистичките споменици во Република Македонија кои се градени под покровителство на поранешните УЧКи а сегашни министри (на пример споменикот на Хаса Џемо во Сливница), па барањата на Бугарија да ги чествуваме нивните фашистички офицери погинати на тлото на Република Македонија, а истовремено со договорот со Бугарија ние треба да ги отстрануваме написите дека од бугарски фашистички куршум гинеле нашите борци. Либералната ЕУ молчи иако самата е изградена врз анти-фашистичка основа. Потоа, никој од ЕУ и НАТО не сака отворено да зборува за албанското учество во Холокаустот кога балистите биле соучесници во депортирањето на Евреите од Балканот.


Како гледате на Преспанскиот договор со Грција?

– Договорот за името е чиста катастрофа. Самото прифаќање за преговори или разговори околу името во ООН беше национално понижување и омалуважување, а прифаќањето на промена на името е крајно понижување. Историјата има посебно место за такви велепредавства. Спорот многу едноставно може да се реши во наша полза преку гласање во Генералното Собрание на ОН. Проф. др. Игор Јанев го има сето тоа многу добро проучено и објаснето. Не знам зошто досегашните претседатели на Влада и држава не го задолжиле да го реши спорот. Ако не биле поткупени, досега сто пати можеле да го решат спорот во рамките на ООН. Инаку, ние немаме спор со Грција, а во никаков случај немаме проблем со нашето име. Ако Грција има проблем со нашето име, ние не можеме да им помогнеме и тие самите ќе мора да си го решаваат проблемот.

Целото интервју прочитајте го на Експрес

поврзани објави

Последни објави