23.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024

Вака ќе изгледа новата сто денарка за колекционерски цели (ФОТО)

Народната банка на Република Македонија ја известува јавноста дека е издадена и пуштена во оптек кованата пара за колекционерски цели „Бик“ од серијата „Хороскопски знаци“ („Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/18).

Кованата пара „Бик“ од серијата „Хороскопски знаци“ ги има следниве карактеристики:

– на аверсот, во централниот дел на монетата се прикажани четири атласа коишто го држат небото и круг со симболите на сите хороскопски знаци.

На вметнато кобалтно стакленце е претставена слика на северното небо со ѕвездата Северница во центарот, опкружена со соѕвездието Бик.

Во долниот дел е претставен цртеж на Сончевиот Систем. На основата е прикажан дел од небесната карта.

Во долниот дел од аверсот се прикажани грбот на Република Македонија и годината на издавање на монетата – „2018“. Исто така, прикажани се и натписите на македонски јазик: „Република Македонија“ и „100 денари“.

– на реверсот, во горниот дел од монетата е претставена слика на бик од ѕвездениот атлас „Firmamentum Sobiescianum“, создаден од Јоханес Хевелиј на крајот на 17 век. Сликата на бикот и неговото соѕвездие, претставена на монетата, е претставена и на вметнато кобалтно стакленце.

Во горниот дел од монетата е претставен симболот на хороскопскиот знак бик. Во долниот дел е претставена глава на златен бик, врз цртеж на кој е претставен Сончевиот Систем. На десната страна е прикажано латинското име на хороскопскиот знак – TAURUS, а на левата страна, ознаката Ag925.

Кованата пара е изработена од сребро Ag925, со тежина на среброто од 23,30 г, чистота на среброто од 19,43 г, во квадратна форма со димензии 37 х 37 мм, полирани со позлата и вметнато кобалтно стакленце со димензии 18,4 х 6,1 мм.

Цената на кованaтa парa „Бик“ изнесува 2.800,00 денари.

Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија.

поврзани објави

Последни објави