Македонија тагува по својот омилен актер, Ванчо Петрушевски, кој вчера во трагедија го загуби својот живот.
-На 25.08.2018 година било пријавено дека околу 13:20 часот во село Орешани, скопско, И.П.(67) од Скопје, додека работел качен на метална скала со електричен заварувач на пластични цевки, го удрило струен удар и истиот починал на местото на настанот. Извршен е увид. За настанот е известен Јавен обвинител, се наведува во денешниот полициски билтен.
Неговите фанови и колеги со емотивни пораки му испраќаат последен поздрав на Ванчо.
Ванчо Петрушевски, чие вистинско име е Иван, е роден на 19 април 1951 година во Скопје. Завршил Висока музичка школа, отсек за актерски кадри во Скопје, а во 1975 година се вработил во Драмскиот театар во Скопје.
Првата улога ја играл во „Ослободување на Скопје“ од Душан Јовановиќ.
Во матичниот Драмски театар се пензионираше во 2016 година, но беше активен на сцената и последниве години. Меѓу неговите последни улоги е во претставата „Буре барут“ во режија на Сашо Миленковски.
Комеморацијата и последното испраќање ќе бидат денес.
Извор: Курир